Празникот посветен на светителот Св. Наум Охридски (летен), кој ужива голем култ во охридско и пошироката околина, оваа година ќе биде одбележан во вонредни услови, поради здравствената криза предизвикана од коронавирусо Ковид 19.
Дебарско-кичевската епархија информира дека за време на претстојниот празник на преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец, ќе има богослужба во манастирот. На 02 јули во 19.00 часот ќе биде отслужена Празнична вечерна богослужба, а на 03 јули 2020 година, во 07.30 часот ќе започне Утрената богослужба. Пречекот на Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски, како и на Митрополитот Европски г. Пимен, ќе биде во 08.45 часот, додека светата архиерејска Литургија ќе започне во 09.00 часот, соопшти Дебарско-кичевската епархија.
Црквата ги повика верниците и граѓаните на почитување на пропишаните здравствени мерки за заштита од Ковид 19. Во насока на спречување на ширење на коронавирусот годинава во манастирскиот комплекс нема да биде дозволено поставување тезги.
Ние, како Црква, заедно и свештенството и народот, сме должни да се гирижиме за нашето здравје, како и за здравјето на нашите ближни. Од таа причина, поради настанатата состојба со корона вирусот КОВИД-19, ги известуваме верниците кои сакаат да дојдат во манастирот и да се помолат на големиот светител, дека ќе мора да се придржуваат кон мерките на Владата за спречување и ширење на вирусот, што подразбира носење на заштитна опрема (маска, марама, шал и слично), како и држење на определеното растојание. Истовремено, Ве известуваме дека оваа година нема да се поставуваат тезги во манастирскиот двор.
Се надеваме дека верниот народ ја разбира нашата грижа, особено што ова е грижа, пред сѐ, за нив, за нивното здравје и за нашата иднина. Господ, нашиот Бог, по молитвите на преподобниот Наум Охридски, да нѐ избави од сите искушенија и да ни дарува здравје, мир и голема љубов, та победувајќи го невидливиот непријател, уште повеќе да ја зацврсти нашата вера и да нѐ сплоти како народ, кој верно ќе им служи на Црквата и на Татковината. – апелира Дебарско-кичевската епархија.
OhridNews