Преку 2000 дечиња се очекува годинава да се дел од поворките во Охридско-струшкиот регион. Годинава, новина е што покрај централните поворки во Охрид и Струга, ќе има и повеќе поворки во околните села, со што радоста за Христовото раѓање дечињата ќе ја пренесат во повеќе домови. Вечниот Бог ќе се пее и во предвечерието на Бадник.
Оваа година има повеќе поворки во околните села, но сепак бројката на централната Бадниковата поворка во Охрид не се намали. Очекуваме околу 800 деца со тоа што Охрид е туристичко место и неможеме да предвидиме. Се вклучуваат и туристи, продолжен викенд ќе имаме. Минатата година имавме и дечиња од Србија. Среќни сме што оваа година имаме повеќе нови поворки во Струга во Враништа и Дрслајца, во Охрид во Пештани, Велгошти, Трпејца, Лескоец, кадешто во Лескоец достигна и бројка на 200 заинтересирнаи деца, во Дебрца во Мислешево и Требеништа. Многу се радуваме што децата од Охрид станаа расадник и на околните села, па се зголеми бројот на деца кои се вклучија. Околу 2000 деца од сите поворки се очекува да бидат дел од Бадниковата поворка 2025, вели Летка Филипова, регионален координатор на Бадниковите поворки.
Поворката во Охрид по традиција и годинава ќе започне во 10:30 часот од црквата „Св. Георги“ во Горна Влашка маала и преку улицата „Јане Сандански“ до Гимназијата, каде од десната страна продолжува по булеварот „Туристичка“ до Охридска Банка. Лево потоа се вклучува низ охридската чаршија и околу 12 часот се очекува да пристигнат децата со ѕвездички во рацете на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ каде пред Бадниковата пештера ќе бидат пречекани од градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и советниците, возрасните, родителите… Децата на плоштадот ќе бидат дарувани со пакетчиња.
Целта е да се слушне Вечниот бог и радоста да се пренесе насекаде, да не бидеме само на едно место. Но, тоа не значи дека бројката се намалува, напротив секоја година има се повеќе и повеќе деца и се повеќе места каде се реализираат Бадниковите поворки. За радост голема е што во цела Македонија имаме Бадникови поворки. Ова не е ништо ново се возобнови една стара духовна традиција која постоела пред многу години, токму на овие простори во Охрид и Битола, потенцира Филипова.
Оваа година Бадниковата поворка во Охрид ќе ја предводи нашата позната виолинистка Сања Здјелар, која доста години учествува во Скопската бадникова поворка, а оваа година изразила желба да биде во Охридската поворка, потоа Ѓоко Танески, додека за Христијан Настески-Пајак се чека сеуште потврда со оглед на бројните негови ангажмани периодов.
Новост оваа година е што во предвечерието на Бадник, 5-ти јануари, ќе биде формирана една помала група на дечиња кои ќе ја пејат Вечниот Бог и ќе се движат по чаршијата и дуќаните, потоа ќе се разделат во помали групи и со помали пештери ќе ги посетуваат домовите. Традиционалната песна го содржи настанот кој се случил во Витлеем, го раскажува самото раѓање на Исус Христос. Успеавме доста години да го избегнеме паганското пеење на „Коледе, леде, паднало греда“ која години се пееше од страна на децата од незнаење. Овие 14-15 години, успеавме да ја наметнеме вистинската песна која треба да ја пејат децата.
Ѕвездичките се главниот симбол кој го носат дечињата во поворката, а годинава беа изработени околу 400-тини на работилниците со кои се дополнуваат изработените од претходните години. Работилниците, пак, се една дружба за децата преку кои се симболизира сплотеност, единство и љубов.
За време на Бадниковата поворка, улиците ќе бидат затворени за сообраќај и обезбедени од страна на СВР Охрид, а во повроката ќе бидат вклучени и медицински лица од Црвен крст Охрид.
Бадниковата пештера која е поставена веќе неколку дена на плоштадот во Охрид е изработена од страна на монахињите во манастирот Свети Георгиj Победоносец во село Рајчица и е подарок на локалната самоуправа. Вистински украс е на плоштадот и симбол на Вилеемската пештера каде е роден Исус Христос, додава Филипова.
Воедно, информира дека утре во 12 часот ќе биде одржана генералната проба за Бадниковата поворка во Охрид, во салата во ОУ „Христо Узунов“ каде може да се приклучат сите заинтересирани дечиња.
Н.С.Ј.