Годинава 17 дела од македонски автори ќе бидат преведени на 5 странски јазици во рамките на Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од страна на странски издавачки куќи.
Ова го соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која појасни дека од објавувањето на Конкурсот во 2014 година до денеска во Министерството за култура пристигнале 74 пријави на 38 издавачки куќи од целиот свет.
-Стручната комисија, во состав Нове Цветаноски, проф. д-р Виолета Димова и м-р Енвер Беќири, во согласност со предвидените критериуми на Конкурсот, поддржа превод на вкупно 47 дела на македонски автори, 30 во 2014 и 17 во 2015 година, кои ќе бидат преведени на 17 странски јазици: полски, српски, руски, германски, словенечки, украински, хрватски, француски, бугарски, црногорски, албански, турски, италијански, ерменски, дански, шпански и амхарски, рече Канческа-Милевска.
Taa појасни дека од 1-ви јуни до Министерството за култура пристигнале нови седум апликации, кои се поддржани.
Прифатено е издавачката куќа „Хохе“ од Етиопија на амхарски јазик да го објави романот на Гоце Смилевски „Сестрата на Зигмунд Фројд“. Издавачката куќа „Твердинија“ на украински јазик ќе го објави романот за деца „Збркана сказна“ на писателот Киро Донев. Романот „Куќичка“ на Оливера Николова од издавачката куќа „Арка“ ќе биде објавен на српски јазик. Делата „Очи со боја на чевли“ од Петар Андоновски и „Човекот што ги сакаше калинките“ од Душко Родев ќе бидат објавени на бугарски јазик од бугарската издавачка куќа „Персеј“ од Софија, а ИК „Изида“ на бугарски јазик ќе ги објави краткиот роман „Бело и црвено“ на Михајло Свидерски и книгата на Васко Шутаров „Јавна и културна дипломатија“.
OhridNews