Годинава ќе започне изградбата на нова терминална зграда на охридскиот аеродром што ќе придонесе за зголемување на нивото на услуги и обемот на сообраќај. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски потврди дека е разговарано изградбата на новата терминална зграда да започне во текот на оваа година во координација со ТАВ Македонија.

Тие ги подготвуваат нивните проекти и дел од договор којшто го имаат склучено со државата е изградба и на нова терминална зграда во Охрид којашто ќе даде поголем капацитет и можност за развој на охридскиот аеродором, потенцираше Бочварски.

Во однос на повикот за субвенционирање на авиолинии Бочварски вели дека не се бараат конкретни дестинации или линии, туку авиопревозниците да дадат авиолинии кои Владата ќе ги разгледа и доколку се во согласност со повикот истите да бидат прифатени.

Има зголемување и унапредување на физичкиот обем на сообраќај на охридскиот аеродром, вели директорот на Агенцијата за Цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев, изнесувајќи споредбени податоци од 2019 година кога имало над 300 илјади патници годнишно и во 2014 година кога имало само 45 илјади.

Овој зголемен обем на сообраќај го сфати и концесионерот и затоа направи план за нова терминална зграда. Во преговори се со Владата, се чека измени и дополнување на Законот за концесии, така што очекувам дека од средината на оваа година ќе започне да се гради нова терминална зграда на охридскиот аеродром. Таа ќе овозможи зголемување на нивото на услуги кои ги дава охридскиот аеродром на патниците, посебно во оние врвни периоди на сообраќајно оптеретување во текот на летните месеци, додава Тунтев.

Истакна дека охридскиот аеродром треба и ќе има уште поголемо значење како што ќе се шири туристичката сезона и како што ќе се организираат настани кои ќе носат луѓе по различни основи во Охрид. Во однос на тоа дека има мал број линии, Тунтев вели, аеродоромот во Охрид е класичен туристички и најмногу работи во текот на туристичката сезона.

Воопшто не е мал бројот на дестинации од мај до октомври, а е многу мал бројот на дестинации во зимскиот период. Но, воспоставувањето на нови дестинации е во рамки на интересите на комерцијалните превозници. Не можете со декрет да ги натерате да отворат авиолинија освен тоа што го прави Владата со конкурс за субвенционирање на дестинации кои се од интерес за државата и граѓаните за да може да помогне при воспоставување на нови дестинации. Ова е еден од начините на кој може со политиката на државата да се помогне во зголемување на физичкиот обем на сообраќај на аеродромите, додава Тунтев.

Инаку, двата македонски аеродрома во Скопје и Охрид ја завршија 2022 година со значително закрепнување на патничкиот авиосообраќај достигнувајќи приближно 2,4 милиони патници или вкупно опслужија 2.371.423 патници и 19.448 летови.

Моментално, 11 авиокомпании летаат од аеродоромот во Скопје до 36 дестинации, додека од аеродромот во две авиокомпании летаат до 4 дестинации.

Од јуни е најавено и обновување на авиолинијата Белград – Охрид, а за престојната туристичка сезона и холандскиот тур-оператор „Корендон“ најави активирање на директната авионска линија од аеродромот „Мастрихт/Ахен“ до Охрид. Согласно донесената одлука, засега е предвидено авионите на „Корендон“ од јужниот холандски град повторно да летат до охридскиот аеродром во периодот од 7 јули до 1 септември. Од охридскиот аеродром во 2022 најмногу се патувало кон Виена, Базел и Цирих.

Н.С.Ј.