Годината што ја испративме останува врежана во сеќавањата на охриѓани  и по убави и по лоши работи. Велат лошотосе памети повеќе, но никој не докажал дека тоа е така. И убавите работи остануваат во човечката меморија. Во 2008-ма немаше ден а да не се случува некаков настан. Ги имаше од секаков вид, а  нивните хроничари, секако се новинарите кои беа во центарот на тие случувања. Дел од колегите -новинари со свои белешки.

„ Низ целата година имаше случувања во Охрид како туристички центар во државата. Дневни настани, конференции, семинари, работилници, во секое време имаше по нешто  и тоа е навистина добро зашто имаше нови идеи, струења и се разбира, нешто од тоа ќе остане и за градот. Од политичките настани поважни беа Регионалниот економски форум и НАТО самитот, а тука беа и спортските настани, светското првенство во ракомет и европското пренство,а би рекол дека Охрид предничеше на полето на културата. Од година во година градот е побогат со манифестации. Годинава го доживеавме првото издание на Фестивалот на француискиот филм. Доколку оваа иницијатива продолжи, ќе биде настан број еден по фестивалот „ Охридско лето“, вели дописникот на Македонската информативна агенција -МИА, Александар Бачиќ.

Според него, многу публицитет им се дава на негативните настани, а луѓето најмалку сакаат да слушаат за нив.„Минатата година беше полна со сообраќјни незгоди со многу жртви, и тоа на места кои не  се одбележани како црни точки“, оценува Бачиќ.

Новинарката од ТВМ, Лионела Јаковлева со заклучок дека минатата година изобилуваше со многу настани од кои повеќето негативни. „Би ги издвоила, сериските убиства, неколку фатални сообраќајни незгоди, но имавме и богата туристичка сезона, која иако со одредени пропусти сепак беше подобра од претходната. Имавме културно богато лето но и есен.Тука беа фестивалите „Разиграно оро“, фестивалот на францускиот филм, фестивалот „Стар Охрид“. Годината 2008-ма ќе ја паметам и по манифестацијата „Водици“ со која Охрид наликуваше на вистински европски туристички центар“,  ги сумира накусо поважните настани Јаковлева.

Таа не ја скри радоста што и ја приредуваат нејзините две  дечиња, Јаков и Софија. „И на приватен план имав мошне успешна година, иако некои од моите желби не се остварија, сепак сум задоволна зашто им се остварија желбите на членовите на моето потесно семејство“, заклучува Лионела Јаковлева.

Во дневникот на Сузана Вренцоска новинарка во весникот АМАК-СП „Охридски новини“ и дописничка на „Вечер“ ќе останат запишани неколку работи:„ Иако годинава имаше голем број настани кои можат да се издвојат како позитивни, сепак, Европското првенство во ракомет за жени беше најголем спортски настан кој воопшто се одржа кај нас.

Охриѓани имаа прилика да ја видат целата ракометна елита којашто играше тука, во спортската сала „Билјанини Извори“. Единствено во тој спортски спектакл, Охрид не успеа да се промовира како туристичко место. Не успеа ниту еден пропаганден материјал да им  подели на делегациите кои беа дојдени, од кои причини-да не навлегуваме, но ваква шанса да се испушти, сепак е недозволиво за еден туристички центар. Исто така би ја издвоила и изградбата на Музејот на вода, една од најголемите туристички атракции кои можат да се посетат во Охрид. Како најжален настан, Охрид и во 2008-ма остана беа автобуска станица. Не држат изјавите на надлежните дека Охрид има автобуска. Сепак, тука туристите ја создаваат првата слика за градот“, резимира Вренцоска.

„Во позитивна смисла,  најголем впечаток ми остави Лени Кравитц.Тоа беше навистина една светска личност која што ги собра на едно место не само охриѓани, туку и граѓаните од соседните земји, а јас лично уживав во неговиот  концерт. Би ги издвоила и Европскот ракометно првенство и НАТО самитот којшто е една огромна позитива за самиот Охрид и за промоцијата на Охрид и на Македонија во светот. Како негативни би ги издвоила недобивањето датум за преговори за влез во ЕУ и невлегувањето во НАТО. Не можам да ги заборавам ниту сообраќајните незгоди што се случија минатата година а во кои изгубивме наши сограѓани“, вели Нина Аритоновска, уредничка на вестите во локалната НТВ и дописничка на телевизија Сител.

Љупчо Танески, одговорен уредник во весникот АМАК СП „Охридски новини“ и сопственик на интернет порталот „Мега стар“ ќе ја памети 2008 година и по позитивни и по негативни работи, но најповеќе по запловувањето во брачните води.
„ Како позитивно би го издвоил  концеротот на Лени Кравитц. Првпат во историјата  светски познато име да настапи во Охрид и да одржи таков концерт како што одржа тој. Би ги издвоил, Фестивалот на францускиот филм и стандардно позитивен, фестивалот „Охридско лето“.

„2008-ма во негативна смисла  на локално ниво  ја одбележа разоткривањето на серискиот убиец, а во пошироки рамки,  и невлегувањето на земјата во НАТО, како и светската криза  кои во иднина, не знам како ќе ги оценуваат, како негативни или како почеток на нешто ново“, вели колегата Танески.

„Годинава која изминува помина во знак на низа позитивни, но како што е во животот и по негативните случувања. Во 2008 ги имавме неуспехот од  Букурешкиот самит ,  Парламентарните избори, апсењето на серискиот убиец, низата  спектакуларни  апсења, големиот број “дефектни” закони набрзина изгласани. Како настан кој сепак е  највпечатлив во моето секавање за Господовото 2008  лето е ” музичкиот двобој ” помеѓу музичките генијалци, виртуозите Влатко Стефаноски и Теодосиј Спасов со нивниот настап на Охридско лето во кој навистина уживав.

На личен план ќе ја паметам по успешното матурирање на мојата ќерка Гордана и уписот на факултет и по бројните непријатни  искушенија  кои за среќа завршија добро“, ни пишува колешката Валентина Нелоска, новинарка во локалната ТВМ.

Ohridnews