Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска одржа панел дискусија со домашниот граѓански сектор и младинските организации, со којашто го најави одржувањето на Преспа форумот за дијалог 2023, што ќе се одржи на 15 и 16 јуни годинава во Струга.
ПФД полека го наоѓа своето место на мапата препознатливи меѓународни форуми и прераснува во наш бренд. Практички гледано, ПФД е единствениот форум со сеопфатна содржина што се одржува во Западен Балкан. Потврда на неговата вредност и важност се и исклучително позитивните оценки искажани од бројните највисоки учесници – од десетина претседатели на држави и премиери на влади, министри за надворешни работи, претставници на меѓународни и регионални организации и, секако, на граѓанското општество, вклучително и од странство од каде што некои истакнати тинк-тенкови искажаа интерес за воспоставување соработка со ПФД. Ваквата позитивна слика ја создава и обврската, ова ново издание да биде подеднакво добро осмислено и организирано, рекол Османи.
Како што соопшти МНР, Османи брифирал за отпочнатите активности за реализација на годинашниот форум, истакнувајќи дека ПФД2023 ќе ги рефлектира петгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, актуелното претседавањето на Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка на Европа – ОБСЕ, САД – Јадранската повелба (А5) и Процесот за соработка во Југоисточна Европа – ПСЈИЕ во комплексен геополитички моментум.
Османи подвлекол дека ПФД 2023 ќе настојува да го промовира конструктивниот дијалог, добрососедството и соработката во насока на изнаоѓање дипломатски решенија на тековните и идните предизвици на регионален и меѓународен план, а меѓу темите ќе се најдат и борбата против корупцијата, хибридните закани, миграциите, странските малигни влијанија, меѓународните рестриктивни мерки, како и евроинтеграцијата на Западен Балкан.
Во однос на младите, истакнал дека во план е да биде одржан засебен Младински ПФД2023 на 14 јуни со цел младинските претставници да можат да ги споделат заклучоците од нивните дискусии на сесиите и панелите на 15 и 16 јуни.
Преку одржувањето на ПФД настојуваме, и како држава и како регион, да дадеме придонес во унапредувањето на дијалогот, заемната доверба и соработката што се клучни елементи во меѓународните односи и претставуваат камен темелник за мирот и долготрајната безбедност, нагласил Османи.
OhridNews