Годината што измина е една од најплодните и најуспешните за стрелачкиот клуб Охрид. Тие покрај постојаните препреки од Федерацијата наоѓаат начин да ги покажат своите квалитите и способности.
– Стрелаштвото е стратешки спорт кој во светот ужива голема популарност, за разлика од кај нас, каде во последниве две децении е донесен на работ на исчезнувањето. Лошата политика која ја води македонската спортска стрелачка федерација, успева пополека да ги уништи и оние малку стрелци кои ни останаа, сведувајки ги само на натпревари на национално ниво, без притоа да им овозможи повеќе настапи на меѓународен план, како би можеле да очекуваме повисок пласман и во светски рамки. Во вакви услови на работење, стрелачките клубови од Охрид, СК ,,Охрид,, и ЖСК ,,Лихнидос,, (кои се единствено пререгистрирани согласно Законот за здруженија и фондациии и усогласени со Законот за спорт-останатите три на ниво на Охрид се фиктивно регистрирани) успеваат да егзистираат финансирајќи се од сопствени средства, како и со помош на локалната самоуправа, која го обезбедува превозот на стрелците – рече тренерот на стрелците, Тина Гоџоска.
За охриѓани голем хендикеп е што речиси сите натпревари се организираат надвор од градот, а условите се далеку од нормалата што ги нуди стрелиштето во Охрид.
– Голем хендикеп за охриѓани е штo 95 проценти од натпреварите се одржуваат на импровизирани стрелишта од 5-10 места и покрај тоа што единствено стрелиште покрај прилепското, кое ги исполнува пропишаните услови за натпревари од страна на МССФ е охридското стрелиште, па заради ограничениот превоз честопати не сме во можност да им обезбедиме настап на сите стрелци. И во вака тешки услови на нерамноправност и изолираност, СК ,,Охрид,, е повеќе од успешен-годинава ја завршува како второпласиран клуб во меѓународна програма и првопласиран на национална програма. Во поединечна конкуренција Михаил Шишкоски и Балабан Нина, се државни прваци на Македонија во своја конкуренција, кои дури по 4 пати го соборуваа Државниот рекорд на Македонија за оваа година.(Балабан е прва и во севкупен пласман-жени). Мартин Гоџоски заврши како второпласиран на Куповите во јуниорска конкуренција за оваа година, Верица Гоџоска како второпласирана на Државното првенство односно третопласирана во Куповите, а останатите членови на СК,,Охрид,, (Алексовска Ангела, Здравески Горан, Миленкоски Кирил и Попоски Васко) се со пласман до 8-мата позиција во своја конкуренција. И кај пионерите на национална програма екипно прво место за СК,,Охрид,,- а во поединечна конкуренција во првопласираните на сите Купови и Државното првенство се најдоа: Маркоски Ѓоко, Димоски Дарко, Димоски Виктор, Маркоска Јана, Маркоска Емилија, Маја Муловска. Пионерите по завршувањето на натпреварите на национална програма, ја продолжуваат својата стрелачка кариера на меѓународна програма – потенцираше Гоџоска.
Новитет кај стрелачкиот клуг Охрид е тоа што имаат сертификат за обука со оружје, а подетални информаци сите заинтересирани можат да побараат во просториите од клубот – Конечно во рамките на клубот оформено е претпријатие за обука со оружје, па стрелците тука го гледаат излезот од лошата финансиска ситуација. Сега се отвара можност за создавање на поповолни услови за работа- околу набавувањето на нови опреми и пушки кои би овозможиле следење на светските трендови, но и се повеќе би се зголемувал интересот за овај спорт.
Според тренерот на С.К. Охрид, Гоџоска во Охрид за минатата година спортски настан број еден беше ракометот – Поединечите спортови никогаш нема да го стигнат сјајот на екипните спортови, па останува со задоволство да ги следиме успесите на нашите спортисти од ракометот.
Мх.П.