За враќање на женскиот ракомет во Охрид се започна на почетокот од месец февруари кога се оформи клубот Моби Дик. Интересот беше голем, се пријавија повеќе од 300 девојки, а спортот број еден во Охрид и Македонија доби уште една алка.
– Направивме бум со отварање на РК Моби Дик 2012, за што и сведочи првиот тренинг, односно уписите кои се оддржаa на 02.02.2013 во СРЦ Билјанини извори и интересот беше доста голем и кога на наше огромно задоволство се пријавија 380 членови со надеж дека ќе станат идни ракометарки. Идејата за формирање на клубот се роди од тренерите кои беа долгогодишни спортски работници и кои го согледаа недостигот и потенцијалот за овој спорт во Охрид – рекоа од клубот.
После три месечна успешна работа, клубот се одлучи да пријави екипа во сениорска и младинска конкуренција што беше чекор напред.
– РК Моби Дик 2012 своите цели ги остварува преку учество во Првата женска ракометна лига и Пионерска женска ракометна лига во натпреварувачката 2013/2014 сезона. Првата полусезона (есенски дел) во натпреварувачката 2013/2014 година во Првата женска ракометна лига, Р.К Моби Дик 2012 по оддиграни девет првенствени натпревари, ја заврши на врвот на табелата, заќитувајќи се со титулата есенски првак во Првата женска ракометна лига и претставувајќи го Охрид како град на женскиот ракомет, а со тоа алудира и на сигурен влез во Супер лига во женска конкуренција. Во пролетниот дел имавме осум победи и за жал еден пораз, од екипата на РК Куманово. Нашата екипа (сениорки) ја сочинуваат искусни ракометарки и затоа нашите очекувања се големи и се залагаме да го дадеме максимумот и да ја сочуваме првата позиција на табелата. Она што го очекуваме од пионерките е одигрување на што повеќе натпревари, затоа што тие прв пат се на ракометната сцена и прв пат се соочуваат со првенствени натпревари и основна цел ни е стекнување на ракометно искуство, а успехот ќе дојде сам по себе. – посочија од клубот.
Според стручните работници во клубот, машките ракометари на Охрид се во центарот на вниманието, а исто така и ракометот го зема приматот број еден во Македонија со учеството на Металург и Вардар во Лигата на Шампиони.
– Изминатава година доста голем број спортски настани го одбележаа и поединечниот и масовниот спорт во Охрид, ама мора да потенцираме дека момците на РК Охрид ги крадат воздишките на охридската публика и според нас засега тие се синоним за спорт во Охрид без оглед на постигнатиот резултат, за што и сведочи масовното присуство на љубителите на овој спорт. Што се однесува на ниво на Македонија, ги поздравуваме сите спортски случувања, а посебно настапите на македонската ракометна и кошаркарска репрезентација, а од она што можеме да го издвоиме се натпреварите во СЕХА лигата и успесите на Металург и Вардар. Ние сме љубители на секој спорт во Македонија и се радуваме на секој успех, а со тоа што партиципираме во ракометот се залагаме и Охрид да биде препознатлив не само по машкиот, туку и по женскиот ракомет – потенцираа од Моби Дик.
Плановите на „китовите“ за следната 2014 година се искачување едно скалило погоре со сениорската екипа, а тоа е пласман во Супер лигата и што повеќе натпревари за најмладите.
– Она што го очекуваме во 2014 е РК Моби Дик 2012 да го повтори успехот и во втората полусезона (пролетен дел) во Првата женска ракометна лига со што ќе обезбеди сигурен влез во Супер лига и се надеваме дека во Новата 2014 ќе пројават интерес повеќе правни субјекти да ги поддржуваат нашите активности. Голема благодарност на сите сите љубители на женскиот ракомет, на охридската публика, а посебна благодарност на ,, виновниците,, што го поддржуваат РК Моби Дик 2012: Моби Дик, Боними, Бале-Турс, Општина Охрид, Ohrid news, Фит-Форм, Астра-дизајн, логистичката поддршка на момците од РК Охрид и ЈП Билјанини извори и др. За да опстоиме во ракометната лига и достоинствено и понатаму да го претставуваме Охрид како спортски град и град на женскиот ракомет ни е потребна финансиска поддршка со што успешно ќе ја продолжиме и реализираме програмата на РК Моби Дик 2012 за втората полусезона (пролетен дел) во натпреварувачката 2013/2014 година. Се надеваме дека сите заедно ќе овозможиме РК МОБИ ДИК 2012 да го повтори успехот од есенскиот дел и да остане шампион во Првата женска ракометна лига, со што ќе обезбеди сигурен влев во Супер лига во женска конкуренција и ќе стане препознатлив белег на градот Охрид, а Вие дел од нашата екипа и заднички да успееме женскиот ракомет да стане дел од нашето секојдневие – порачаа од клубот.
Мх.П.