Книгата „Година без лето“ од Виолета Танчева-Златева е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра стихозбирка на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата за 2015 година.
Претседателот на жири-комисијата, професорот Зоран Анчевски на денешната прес-конференција, во образложението рече дка авторката недвосмислено покажува дека е поет во вистинска смисла на зборот. Во исто време, додаде, не претендира нејзината поезија да се одликува со длабока симболика или пак со изнасилен излив кој не дозволува нејзината поезија да биде само неконтролиран излив на емоции.
-Во книгата Танчева – Златева остварува еден завидно зрел стилски баланс на поетскиот израз што внимателно се држи до традиционалното пеење, но без зазор од иновацијата и експериментот во ритмиката и музиката на песната. Иако општиот впечаток е дека книгата зрачи со ненаметлив и тивок лиризам, тој е само привидно таков, бидејќи Танчева-Златева многу умешно и дозирано користи необични и свежи трополошки решенија со чија помош постигнува ненадејни, очудени пресврти и необични завршници на своите поетски творби. Токму затоа поетскиот јазик на Танчева-Златева се искрева на едно завидно високо рамниште, што во моментов ја прави еден од најинтересните и најзрелите поетски гласови во современите текови на нашата поетска традиција, рече Анчевски.
Во „Година без лето“, додаде тој, се поместени повеќе песни кои поттикнуваат неколкукратни читателски навраќања и промислувања за поетските слики, визии и промисли.
На конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ пристигнаа 50 поетски книги, а во потесен круг влегоа „Киноутро“ од Јовица Ивановски, „Слики“ од Гордана Михаилова-Бошнакоска, „Се случува вечност“ од Радован Павловски, „Година без лето“ од Виолета Танчева-Златева и „Премостување на мигот“ од Тодор Чаловски.
OhridNews