„ Благсловен да е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос кој по Својата голема милост одново не роди одново за жива надеж, преку воскресението на Исус Христос од мртвите, за нераспадливо и неизвлкано наследство, кое не венее, запазено на небесата за вас. “- 1 Петар 1:3
Семилостивиот, Долготпрелив, Семоќен, Сезнаечки , Премудар и Сеприсутен Господ , како што пишува во Библијата, не се менува. Тој е истиот денес, вчера и засекогаш и затоа треба да Му бидеме неизмерно благодарни со неискажлива радост за чудата на кои сме сведоци и кои ги прави и денес. Но иако, можеби се чини тешко воскресението на Исус да го прифатиме со разумот и нашата логика, тоа е недвосмислено историски факт, пресвртница во целокупната човечка историја и доказ за ненадминливата и совршена Божја љубов кон човекот.
„ НО ако се проповеда дека Христос воскресна од мртвите, како тоа некои меѓу вас велат дека нема воскресение ? Ако нема воскресение на мртвите, тогаш ниту Христос не воскреснал, а ако Христос не воскреснал залудна е нашата проповед, залудна е и нашата вера- ние сме се уште во нашите гревови.” – вели апостолот Павле во неговото прво послание до Коринтјаните, 15то поглавје.
Бог не повикува на жива, спасоносна вера во Исус Христос Распнатиот и Воскреснатиот, кој и денеска е Жив и подеднакво Семоќен да ги слушне и услиши нашите молитви, да сочувствува со нашата болка, да не исцели одвнатре, да не заштитува од секое зло, да не подигне од секој пораз, да не извлече од секоја неволја, да биде нашиот пријател ако ние имаме целосна доверба во Него и да не сака безусловно. Таа бескрајна љубов може да се согледа во Исусовата жртва на Крстот, кога Тој доброволно пострада, иако невин ја плати казната за нашите гревови. Тој чин уште подобро е претставен во стиховите во Книгата на пророкот Исаија во Библијата.
„ Беше презрен, отфрлен од луѓето, човек на болката, свикнат на страдањата, од Кого секој го отстранува лицето, беше презрен, и за ништо го сметавме. А Тој ги понесе нашите болести, ги зеде врз себе нашите болки, додека ние сметавме дека Бог Го бие и Го понижува. За нашите престапи беше прободен, сотрен, за нашите беззаконија. Казната за нашиот мир падна врз Него, преку Неговите рани ние се исцеливме. Сите скитавме како овци, и секој одеше по својот пат. А Господ ги положи на Него беззаконијата на сите нас. Го измачуваа, а Тој оставаше, и не ја отвори Својата уста. Го одведоа како јагне на колење; како овца нема, пред оние што ја стрижат, не ја отвори Својата уста.” -Исаија 53: 3-7
Нам ни останува изборот : Дали ќе поверуваме во Воскресението со цело срце или ќе го отфрлиме делото на Исус на Крстот на Голгота и ќе го сметаме за обична измислица. Зашто ако со устата исповедаме дека Исус е Господ и ако веруваме во срцето дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе бидеме спасени. Со срцето се верува за праведност, а со устата се исповеда за спасение.– послание до Римјаните, 10-та глава, 9 -10-ти стих
Ивана Ч.