Младински Совет Охрид со проектот ,”ГО САКАМ ОХРИД” влезе во  програмата на Министерството за култура на Република Македонија за 2009 година.

Во рамките на проектот ќе бидат организирани едукативни предавања и креативни работилници со цел да се едуцираат младите за културното наследство во Охрид, за различните културни вредности, кои се богатство на Охрид, како и за потребата од негова заштита и промоција во земјата и надвор од неа.

“За таа цел ќе се организираат креативни работилници за изработка на накит и фотографија, како и ликовни и литературни работилници. Од креативните работилници се очекува да се добијат ексклузивни експонати- накит, нови фотографии, како и нови ликовни и литератирни творби во кои ќе бидат претставени Охрид и неговите убавини, со посебен осврт на културните вредности. Исто така ќе биде формирана и група за подготовка на пропагандни материјали за Охрид со цел да се креираат нови содржини кои ќе помогнат во промоцијата на Охрид како културен центар”, вели претседателот на МСО, Димче Каневче.
Продуктите кои ќе произлезат како резултат на овие работилници ќе бидат презентирани на специјални настани за промоција на Охрид како културен центар, на различни локации во градот во текот на целата година.

Ohridnews