Еден полицаец во Индија, кој како дете се изгубил во гужва на железничка станица, успеал 24 години подоцна да го пронајде своето биолошко семејство благодарение на тетоважа на раката. Ганеш Рагунат Дангаде се одвоил од родителите во 1989 година кога требало да се качи на воз, кога имал само шест години. Останал сам во пренаселениот Бомбај, каде за него презел грижа еден рибар пред да го смести во дом за сираци. Со години подоцна ги прелистувал досиеата на загубените лица во полициските станици, за на крајот во 2011 година и самиот да стане полицаец. Рекол дека никогаш не престанал да го бара своето семејство. Додал дека својата истрага ја водел на основа на единствениот доказ кој го имал, името на мајката Банда истетовирано на десната рака. Уште една драгоцена информација добил во домот за сираци каде пораснал, каде му било речено дека по доаѓањето, на прашањето каде живее, одговарал „Мама Банџа“, што е назив за шумовитото предградие на Бомбај.
На почетокот на месецов Дангаде отишол во тој дел од градот со своите колеги, трагајќи по Манда. Го упатиле до една колиба каде со години живеела некоја старица. Таа раскажала дека некогаш одамна го изгубила синот, а кога ја прашале дали детето има некој посебен знак за распознавање, таа рекла дека има тетоважа на раката. Дангаде рекол дека штом и ја покажал тетоважата веднаш го препознала. Долго молчеле а потоа се прегрнале и плачеле. Дангаде дознал дека има двајца браќа и сестра. Младиот полицаец заклучил дека било чудо што го пронашол семејството со кое сега го минувал секој слободен момент.