Последното дело  на доктор Михајло Георгиевски, „Општохристијански култни светци во Македонија “ издадено од издавачкото друштво „Макавеј“, од вчера е претставено и пред охридската книжевна јавност.

„Во Македонија како света библиска земја од апостолско време, се имаат втемелено неколку општохристијански светители  коишто со својот светителски живот и култ се вткаени во духовниот живот на македонскиот човек“, вели авторот Георгиевски.

За професор доктор Илија Велев од Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј “, книгата  претставува одбележување на христијанската традиција што се одвивала на тлото на Македонија. „Познато ни е дека христијанството во Македонија проникнува од самата содржина на библијата. Самото  воспоставување и ширење на  христијанскиот култ почнува уште од првиот век со дејноста на Апостол Павле кога тој доаѓа во Македонија“, заклучува Велев и додава дека сите облици на културно произнесување што биле на просторот на Македонија се рефлектираат преку христијанската цивилизација.

Деканот на Богословскиот факутет во Скопје, професор доктор Ацо Гировски, ја оценува книгата како многу значајно дело неопходно не само за црквата и црковните службеници, туку и за обичниот човек. „Книгата е пишувана на народен јазик, читлив за секој поединец и многу ми е мило што таа излегува токму во 2008 година која е прогласена и година на јазикот“, вели Гировски.

Пред 10-тина години, Георгиевски ја издаде книгата „ Македонски светци-живот и култ“ која предизвика голем интерес кај читателите. Зад авторот стојат околу 300 објавени научни и стручни трудови од областа на културната историја на Македонија и 40-тина телевизиски емисии посветени на светителите.

За својата научна дејност е добитник на наградата „Свети Климент Охридски “ во 2001 година.

А.Р.