Неверојатна “милиметарска“ среќа имал шестгодишниот Михир Кумар во несреќата која можела да го чини живот. Во четвртокот вечерта во милионскиот град Рaнчи во централната индијска држава Џарканд се славел индискиот пролетен фестивал Холи.


Возрасните лудувале по улиците посипувајќи се со шарен прав и се полевале со вода, а тој, без надзор од возрасни, си играл со врсниците на рамниот покрив од семејната куќа. Паднал и се набодел на метар и половина долга железна шипка. Ја пресекле и заедно со момчето ја однеле во Медицинскиот институт Раџендра.

Д-р. Сандип Агарвал, еден од тројцата хирурзи кои полни три часа го оперирале момчето и од него ја извадиле шипката,изјавил дека момчето имало неверојатна среќа: два и пол сантиметри дебело железо му го прободило долниот дел од градниот кош, но ниту еден витален орган не му е повреден! Момчето е надвор од животна опасност и докторите велат дека брзо ќе се опорави, но дека сигурно до крајот на животот ќе се сеќава на јаката болка и среќата во несреќата која можела да биде кобна доколку судбината не му била наклонета.