Осумнаесет годишниот Урош Иванковиќ од Пирот, Србија, член на нуркачко-пливачкиот клуб „Пирот“ ја постигна својата цел и својот голем предизвик да плива во Охридското Eзеро од Св.Наум до Охрид.
Урош стартуваше во 9 часот од Св.Наум каде најпрвин му беа извршени потребните медицински прегледи. Во прекрасни временски услови, мирно езеро, во придружба на медицински и спасителен тим на Црвен крст Охрид, поддржуван од своите родители и членови на нуркачко-пливачкиот клуб „Пирот“, Урош вчера исплива растојание од 26 км од плажата на Св.Наум до градското пристаниште во Охрид за време од 7 часа и 15 минути.
Возбуден, раскажуваше за кратката криза и грчеви на мускулите што ги имал при препливувањето во делот над Трпејца. Среќен за реализираниот подвиг Урош најави учество и на спортските пливачки манифестации на Охридското езеро, наредната година.
И овој спортски настан, кој воедно го промовира Охрид и Охридското езеро како спортско-туристички потенцијал, беше во целосна организација на Црвен крст Охрид.
ОhridNews