Интензивната урбанизација на крајбрежјето, комерцијализацијата на плажите, измената на урбанистичките планови за изградба на експресен пат, ски центар со пропратни објекти во националниот парк Галичица, иницијативите за пренамена на просторот во Љубанишко поле и Студенчишко блато во туристички развојни зони каде треба да никнат сместувачки капацитети на суво и во вода, идејата за продолжување на кејот до Канео кој ќе треба да минува пред куќите и угостителските објекти во центарот на градот, како и изградбата на нови хотели на првата линија до езерото, ќе го променат ликот на Охрид. Граѓаните стравуваат дека наспроти очекуваниот економски бенефит, градот ќе ја изгуби препознатливата автентичност, поради што заедно со езерото е прогласен за светско природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО. Тие посочуваат на негативните последици од реализацијата на таквите планови, кои се нотирани во стратегиската оцена за нивното влијание врз животнта средина.

-Во сите аспекти влијанијата беа негативни во однос на животната средина и кога ќе се извага што би добиле, а што ќе изгубиме, нема компромис освен неимплементација.– вели Илина Арсова, спортист, екологист и член на иницијатива за заштита на природното и културното богатство на Охрид.

Се менува и ликот на старото градско јадро, инаку заштитено со посебен закон. Освен изградбата на голем број нови куќи кои доминираат со големината на калето, двојби предизвикува и проектот за возобниовување на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник. Реагираше и УНЕСКО, кој минатата година изврши инспекција на Плаошник, по која државата го ревидираше проектот и го намали бројот на објекти за половина. Надлежните уверуваат дека тоа што се гради на Плаошник нема да го наруши изгледот на Охрид.

-Најодговорно тврдам дека она што се гради на Плаошник нема да ја наруши ниту автентичноста, ниту силуетата, ниту визурата на Плаошник. – рече Тања Паскали Бунташеска – директор на Завод и Музеј Охрид, во обраќањето пред членовите на Советот каде на 23 март се дискутираше за плановите за Плаошник и Студенчишко блато.

Дека охриѓани сериозно стравуваат да на го изгубат брендот – „светско природно и културно наследство“, говорат нивните реакции на социјалните мрежи на првоаприлска шега на OhridNews, дека поради неконтролираната градба во заштитените делови, Охрид е симнат од листата на УНЕСКО.


Дел од граѓаните сметаат дека „ѓаволот одамна ја однел шегата“, па затоа покренаа онлајн иницијатива за заштита на природното и културното наследство на Охрид. Таа неодамна беше преточена во Декларација која ја потпишаа повеќе месни заедници, еколошки друштва и невладини организации и ја доставија до државниот врв, локалната самоуправа и надлежните институции.

Горан Момироски