Државниот пазарен инспекторат -Одделение за инспекциски надзор Охрид на 25 и 26 септември изврши вкупно 19 инспекциски надзори во продажни објекти за трговија на мало (8) и бурекџилници (11) на подрачје на општините Охрид и Струга.

Надзорите беа спроведени согласно насоките добиени од ДПИ-Скопје за вршење на инспекциски надзори врз основа на Законот за трговија (Одлука на Владата бр.41-8686/3 за посебни услови за трговијата на одделни стоки и обврската трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед).

При тоа кај 3 субјекти кои вршат трговија на мало се констатирани неправилности и тоа немаа истакнато ознака “ПОМАЛКУ ТРОШОЦИ, ПОВЕЌЕ ЗА ТЕБЕ”. За оваа неправилност изречени се инспекциски мерки Глоба за сторен прекршок по член 58 од Законот за трговија и тоа за еден субјект кој има статус голем трговец глоба во износ од 7000 евра за правното лице и глоба во износ од 350 евра за одговорното лице во правното лице и на два трговци кои имааат статус на микро трговци глоба во износ од 800 евра за правното лице и 50 евра за одговорното лице во правното лице, информира Цветко Ристески, помошник главен инспектор во ДПИ Охрид.

Ристески посочува дека и во наредниот период ќе се продолжи со инспекциски надзори согласно донесената одлука.

Инаку, со Одлуката на Владата за посебни услови за трговијата на одделни стоки се врши ограничување на профитните маржи до 10 отсто на околу 70 основни прехранбени производи поради што се очекуваше нивните цени да се намалат за 10 отсто.

Н.С.Ј.