Околу 33,3 милиони луѓе на светот го имаат вирусот ХИВ, кој е причинител на СИДА-та, но растот на бројот на заболени е забавен, па дури и се намалува, се наведува во најновиот извештајот на ОН, пренесува „Макфакс“.
 

Според извештајот на Здружената програма на ОН за ХИВ/СИДА (УНАИДС), вкупниот број на луѓе заразени со ХИВ во 2009 година е во благо опаѓање во споредба со претходната година (33,4 милиони инфицирани во 2008 година), а најмалку 56 држави или ја стабилизирале бројката на заразени или постигнале значителни намалувања во бројката на заразени.
 
Сепак, додека повеќе од милиони луѓе кои имаат потреба од лековите за СИДА успеваат да стигнат до нив, околу две третини од 15-те милиони заразени во посиромашните земји немаат пристап до овие лекови. Маргинализираните групи, како наркоманите и оние кои работат во секс индустријата имаат помалку шанси да добијат лекови, отколку другите, се вели во извештајот.
 
„За првпат можеме да кажеме дека ја прекинавме траекторијата на епидемијата на СИД. Ја сопревме и почнавме да ја враќаме надолу. Помалку луѓе се заразуваат со ХИВ и помалку луѓе умираат од СИДА“, изјави директорот на УНАИДС, Мишел Сидибе.
 
Од почетокот на епидемијата во 1980-те години, повеќе од 60 милиони луѓе се заразија од вирусот ХИВ, а речиси 30 милиони луѓе умреа од болести поврзани со овој вирус. „Вирусот на хумана имунодефициенција“ може да се контролира со коктели од лекови, но не постои директен лек за самиот вирус.
 

Извештајот на УНАИДС открива дека новите заразувања со ХИВ се намалени за речиси 20 проценти во последниве 10 години, а меѓу младите луѓе во 15-те најзафатени земји со овој вирус, стапките на инфицираност се намалени за повеќе од 25 проценти, поради тоа што младите го прифатија побезбедното практикување на сексот.

OhridNews
извор: „Макфакс“