Македонските фудбалски судии деновиве имаат можност да учат од главниот кондиционен тренер на УЕФА за елитни судии, професор Вернер Хелсен, кој е одговорен за селектирање и подготовка на елитни судии за европски и светски првенства.
Целта на кампот кој Фудбалска федерација на Македонија го организира за прв пат, во соработка со Европакста фудбалска асоцијација е македонските судии да се обучат и информираат за најновите методи за унапредување на тренажниот процес.
Вернер Хелсен со МИА сподели дека во рамките на кампот ќе започнат со задачите кои ги изискува еден натпревар, бидејќи, како што кажа, тоа е клучниот предизвик за да знаат што да прават додека тренираат, потоа, ќе се фокусираат на неколку работи подетално.
На првиот тренинг ќе се фокусираме на трчање со висок интензитет, но не само трчање, туку трчање и притоа донесување на одлука. Потоа ќе се сконцентрираме на брзина и издржливост. Брзината е важна бидејќи играта станува сѐ побрза, вели Хелсен.
Дополнува дека за време на кампот ќе се фокусираат и на тренинг на мозокот, концентрација, перцепција и донесување на одлуки. Тој има впечаток дека генерално, судиите се прилично мотивирани, дури и повеќе од професионалните играчи и порача да уживаат, учат и да се подобруваат.
Националниот тренер на фудбалските судии во државава, Сашо Даневски, смета дека е направен голем напредок, бидејќи, како што кажа, за прв пат се применети најновите УЕФА тестови за главни судии и асистенти кои што ги положиле сите судии.
Се инвестира доста во опрема и технологии за следење и проценка на кондиционата подготовка. Имаме уште доста за работа, меѓутоа сметам дека доста голема работа имаме завршено и до сега, изјави Даневски.
OhridNews