Хорската музика е естетско доживување на високо уметничко ниво. Во неа синоќа уживаше охридската публика.
Во предворјето на катедралниот храм Света Софија се одржа третото издание на Меѓународниот хорски фестивал „Гласот на Охрид“, во организација на охридскиот градски хор „Вокс Лихнидос. Градскиот хор кој минатата година одбележа 55 години од своето постоење, од 2015 година го носи името „Вокс Лихнидос“ и е успешно предводен од диригентот Бурим Хидри.
Годинава третото издание се одржува со поддршка на Министерството за култура, Општина Охрид, Хотел Чинго, Црвен Крст, Книговез, 2С Студио, Лабино Саунд и со поддршка на Македонската Православна Црква која ни го отстапи просторот во црквата Света Софија. Учествуваат четири хора заедно со нашиот. Ние ќе ја отвориме програмата како домаќини. Како втори ќе настапат камерниот хор „Арс Нова“ од Питешти, Романија со диригент Раду Тити, потоа ќе следува настапот на хорот „Атендите“ при Културниот центар Кикинда од Србија со диригент Билјана Јеремиќ и женскиот младински хор при МКЦ Скопје со диригент Сашо Татарчевски – како наш најнаградуван хор. – изјави за OhridNews Бурим Хидри.
Годинава Охридскиот хор се претстави со разновидна програма. Од ренесансата па до модерните аранжмани.
Тоа ќе е сплет од шест јазици како латински, албански, македонски, руски, шпански и англиски. Англиската композиција ќе ја изведиме со мултиетнички детски хор кој е составен од деца од македонска, турска и албанска националност. Композициите се разновидни од Sicut cervus – G. Pierluigi da Palestrina, до премиерна композиција со аранжман од нашиот охридски композитор Гоце Гавриловски (Дај дуни). – додава Хидри.
Во услови на пандемија, сигурно е дека едно од очекувањата е проширување на хоризонтите преку гостувања надвор од нашата држава и со уште многу успешни меѓународни соработки.
Натали Боздоганова