Охридските ракометари на дерби мечот со Работнички во „Билјанини Извори“ го оправдаа епитетот „гладијатори“ победувајќи по тешка битка со 24-20 (12-9).
Домашните ракометари изгинаа за секоја топка, на секоја педа во спортската арена пред своите навивачи кои досега немаа видено вакво издание на „гладијаторите“, кои приредија извонредна ракометна претстава.
Желбата за победа и поддршката од „Рибарите“ беа клучни за триумфот на „сино-белите“ над директниот ривал за втората позиција во Супер лигата.
Првиот дел охриѓани го добија со 12-9, благодарение на добрата одбрана и ефикасниот напад.
Во вториот дел домаќините имаа водство и од четири погодоци, но во последните мигови од мечот влегоа во неизвесна завршница.
На две и пол минути до крајот на мечот во „Билјанини Извори“ снема струја, а прекинот подобро им дојде на домашните ракометари кои во тие моменти играа со играч помалку.
Работнички ги прокоцка двете прилики за враќање во игра, а избраниците на Горан Андоновски со цепелин ставија точка на осмиот триумф сезонава.
За одбележување е и тоа што во завршните моменти навивачката група „Рибари“, која вечерва беше осмиот играч на Охрид, ја напушти салата незадоволна од односот на службите задолжени за безбедност.
Р.К. Охрид: Колев (8 одбрани), Костески, Пецаков, Павловиќ (3), Андоновски, Кежиќ (4), Хогас (2), Белевски (3), Трифуноски, Тасески (1), Печенковски (3), Новаковиќ, Вражалица (8), Стојановиќ, Димески, Костов.
Р.К. Работнички: Ѓоргиески (7 одбрани), Алушовски, Левов (4), Илиќ (5), Н. Маркоски (5), Димовски, Ф. Василевски, Стоилов, Марсениќ, В. Марковски (3), Мојсовски (3), Ѓуроски, Јовчески, А. Василевски, Гајиќ, Мирчев.
Фото : Емил Јовановиќ
Мх.П.