Охридските ракометари во претпоследниот натпревар за годинава гостуваат во Радовиш каде в сабота во 18 часот силите ќе ги одмерат против истоимената екипа.
Ракометарите на Охрид моментално се наоѓаат на седмата позиција на табелата и само победа на гостувањето во 13-та рунда комплетно ги враќа во игра за местата кои водат во плејофот.
– Напорно трениравме цела недела особено во нападот каде потфрливме на неколку важни натпревари сезонава. На мечот со Зомимак покажавме разноврснот во нападот и мислам дека тој натпревар треба да ни биде репер за понатаму – потенцираше Горан Андоновски.
Гостински терен сезонава повеќе им лежи на охриѓани кои имаат три победи наспроти две во „Билјанини Извори“.
– Во сите натпревари во гости сме изедначени освен оној во Струмица со Зомимак. Наш најголем адут сезонава е гостински терен па затоа одиме да се надигруваме и да ја израдуваме нашата публика – додаде охридскиот стратег.
Сите ракометари се подготвени и свесни за шансата која им се укажува покрај слабите резултати во последните неколку мечеви.
Дербито во Радовиш ќе го водат интернационалните судии Сашо Кркачев и Ѓоко Колески од Скопје.
Мх.П.