Ракометарите на Охрид со триумф над Прилеп 30-23 (17-14) ја спуштија завесата на суперлигашките возбудувања во „Билјанини Извори“.
Дуелот со прилепчани за охридските бели беше последен на домашен терен, а и го одиграа како таков без Иван Стојановиќ и Јосип Кежиќ во составот.
Охриѓани отпорот на гостите го скршија околу 15-та минута кога со серија (4-0) стигнаа до 11-7. Неколку минути подоцна со уште една серија (4-1) домаќините се одлепија на највисоки шест (15-9).
Прилеп со серија од 5-2 во финишот од првиот успеа да намали на 17-14 и замине со негатива од три голови на одмор.
Второто полувреме почна изедначено и се играше гол за гол до 43-та минута кога охриѓани прво ја вратија најголемата предност од шест разлика, а стигнаа и до највисоки плус девет 29-20.
Пулените на охридскиот стратег Горан Андоновски рутински го спроведоа мечот во мирна завршница за втора победа во плејофот од Супер лигата.
„Гладијаторите“ сезоната во Супер лигата ќе ја завршат во Скопје против составот на Работнички.
Охрид: Колев (8 одбрани), Трајкоски (8 одбрани), Андоновски 5, Новаковиќ, Тасески 3, Павловиќ 1, Печенковски 5, Белевски, Вражалица 4, Мачу 10, Хогас 2, Трифуноски.
Прилеп: Илиоски (1 одбрана), Трајкоски (1 одбрана), Раичиќ (7 одбрани), Тодоровски 2, Талески 4, Шокоски, Ѓорѓиески 2, Петкоски 1, Спасески, Петрески, Бозароски, Стефаноски, Секулиќ 6, Ангеловски 5, Турченко 2, Јанески 1.
Мх.П.