Ракометарите на Охрид немаат многу време за тага после поразот во дерби средбата со Металург во Супер лигата бидејќи во последниот натпревар на домашен терен во 2015 година го пречекуваат составот на Радовиш.

„Гладијаторите“ сакаат со триумф да ја заокружат најуспешната година во клубот и да се простат од навивачите кои се осмиот играч на клубот. 

– Мечот со Металург мора што побрзо да го оставиме зад нас и максимално да се фокусираме на дуелот со Радовиш. Со победата над нашиот стар ривал во голема мера ќе го обезбедиме посакуваното место на табелата кое ќе ни донесе плејоф. Исто сакам со триумф да се простиме од охридската публика без која нашиот клуб би немал ниту еден успех. – рече охридскиот стратег Горан Андоновски.

Охриѓани сезонава во гости го „демолираа“ Радовиш победувајќи го со 29-19 , а посакуваат нов триумф со кој би се зацврстиле на вицешампионската позиција. – На гостувањето во Радовиш го одигравме најдобриот натпревар сезонава, а сите сакеме да го повториме тоа и да забележиме нова победа. На домашен терен со исклучок на Металург победувавме против секого и не гледам причина да не биде тоа и против Радовиш. – додаде Иван Тасески.

Натпреварот од 13-та рунда во Супер лигата се игра в недела во 18 часот во охридската арена „Билјанини Извори“.

Ohridnews