Ракометниот клуб Охрид без победа, со четири порази и едно реми ја заврши првата етапа во плејофот од Супер лигата. Четвртиот пораз во петтиот меч „гладијаторите“ го претрпеа на гостувањето во Битола од Пелистер 32-29 (14-14).
Добриот почеток на мечот на охридските ракометари најпрво им донесе предност од два голови, а поскори и четири погодоци (8-4 и 10-6). „Зелено белите“ во краток период со серија од 4-1 намалија на 11-10 и резултатски се вратија во игра. До крајот на првиот дел домашните ракометари успеаја да ја анулираат предноста на Охрид и на одмор да заминат со идентични бројки на семафорот 14-14.
Второто полувреме започна со гол за гол, а битолчани први врзаа два погодоци и поведоа 18-16. Охридските ракометари вратија со иста мера за 21-21. Налетот на Охрид го задржа Пелистер и не дозволи целосен пресврт, а по стабилизирање на играта успеа и да поведе со највисоки три погодоци (25-22). Разликата стигна и до четири и пет погодоци (29-24), а „гладијаторите“ со ефикасен финиш го ублажија поразот.
Битолчани со триумфот пред своите гледачи ги запишаа првите бодови на табелата во плејофот од Супер лигата и фенерот му го предадоа на Охрид, кој се уште нема победа.
Во следната рунда Охрид силите ќе ги одмери со Вардар во Скопје, додека Пелистер ќе сретне со Еурофарм Работник во градското дерби.
OhridNews