Ракометарите на Охрид забележаа исклучително значајна победа над Тинекс Пролет совладувајќи го со 24-20 (13-9) во Скопје во рамките од осмата рунда од Супер лигата.
Охриѓани од почетокот до крајот на мечот ја контролираа и играта и резултатот, а победата, шеста сезонава е повеќе од заслужена.
Во првиот дел разликата варираше, а пред финишот со серија голови охридските ракометари стигнаа до највисоки +4 (13-9).
Домаќините заиграа доста подобро на стартот од вториот дел и успеаја да ја намалат разликата на еден погодок (16-15).
Но, тогаш на сцена стапи Кирил Колев кој со вкупно 17 одбрани беше херој на „гладијаторите“ во Скопје.
Нападот не потклена кога беше најпотребно и погоди неколку клучни напади што беше пресудно за четврти гостински триумф во пет мечеви.
Најефикасен во редовите на Охрид со шест голови беше крилото Хогас, еден помалку постигна Вражалица, четири реализираше Павловиќ, по три пати противничката ја погодија Андоновски, Печенковски и Кежиќ, а еднаш прецизен беше Тасески.
Во Супер лигата следува двонеделна пауза, а потоа охриѓани пред своите гледачи го пречекуваат составот на Вардар Јуниор.
Мх.П.