Ракометарите на Охрид одново покажаа победнички менталитет и по четирите порази во серија во плјеофот одиграа маестрален меч со Работнички кој им ги донесе првите бодови на табелата.


По мечот, Горан Печенковски и Благојче Трајковски не го криеја задоволството од победата која ја враќа самодовербата во охридскиот состав.

– Ваква победа посакувавме и ни беше неопходна за враќање на самодовербата и средување на мислите по оние два неочекувани порази од Струмица и Прилеп. Бодовите од овој меч многу ќе ни значат во следните натпревари кои не очекуваат во плејофот во Супер лигата. Иако заостануваме на табелата не е ништо загубено и мора да се бориме до крајот за да го обезбедиме местото на табелата кое ни носи излез во Европа. – рече Трајковски, а Печенковски додаде: Прво моралноста пред охридската публика, а и желбата за победа пресуди во овој меч. Претходно, реков дека немаме право на грешка и така влеговме во натпреварот со Работнички. Нема потреба од паника и нешто слично по два порази од Струмица и Прилеп, бидејќи квалитетот е на наша страна, а наша задача ќе биде да го покажеме во мечевите со противниците кои ни следуваат.

Причина за радост имаше и охридскиот стратег Горан Андоновски кој смета дека одморот минатата недела си го направил своето. – Имавме недела дена да одмориме и да се вратиме во нормален тренажен процес. Се надевам дека до следните мечеви ќе се опороват Иван Тасески и Иван Стојановиќ и комплетни ќе ги пречекаме финалните мечеви од сезонава. Што се однесува до мечот, зачекоривме по оној пат по кој сакавме да одиме. Одиме на третата цел, а таа е пласман на местата на табелата кои водат во Европа, по двете остварени задачи со пласманот во плејофот и завршниот турнир во Купот на Македонија.

Охриѓани го покажаа вистинското лице

Мх.П.