Амбициозниот битолски суперлигаш, Еурофарам Работник го доби дербито со Охрид во 11-та рунда од Супер лигата победувајќи го домашниот состав со 29-23 (14-12).
„Фармацевтите“ минимална предност имаа во четири наврати на стартот од мечот, а „гладијаторите“ прв пат до егал дојдоа на 4-4. Изендачувањето на семафорот значеше почеток на голгетерска серија на Охрид со која стигна до плус четири (10-6).
Минутата одмор ги „разбуди“ гостите кои одговорија со 6-0 и преземање на водството 12-10. До крајот на првиот дел двете екипи постигнаа по два голови за 14-12.
Долго време во второто полувреме ракометарите на Еурофарм Работник ја чуваа предноста од два голови и на моменти ја зголемуваа на три или четири голови. Охриѓани во моментите кога притиснаа не реализираа пенал и зицер, а гостите погодија и стигнаа до најголемата позитива од пет голови (23-18).
Последните десеттина минути избраниците на Илија Темелковски рутински ги одработија и ја зачуваа предноста за конечна победа 29-23.
Еурофарм Работник со победата се изедначи со Охрид на третата позиција на табелата и продолжува со походот кон водечкиот Пелистер.
OhridNews