„Гладијаторите“ по три последователни учества во плејофот се „селат“ во плејаутот од Супер лигата. Натпреварите ќе ги започнат в сабота во 19 часот на домашен терен во СРЦ „Билјанини Извори“ против составот на Прилеп. Се освен победа на Охрид ќе биде големо изненадување на стартот од битката за опстанок.
- Фаворити сме, поквалитетени исто така и очекуваме лесна победа во утрешниот меч со Прилеп. Мора да продолжиме со кренати глави иако не сме дел од плејофот. Плејаутот е пред нас, мечеви во кои дополнително ќе се воиграме и младите ќе добијат поголема шанса кои се дел од завршниот турнир во младинска конкуренција. – изјави асистентот во стручниот штаб на Охрид, Зоран Георгиевски.
Се е на страната од Охрид, но тоа ракометарите ќе треба да го потврдат на теренот во текот на 60-те минути.
- Прилеп веќе еднаш го добивме на домашен терен и знаеме за каков противник се работи. Веројатно ќе допатуваат со младинци и наша задача ќе биде добро да го отвориме натпреварот и уште на стартот да направиме разлика на семафорот. Од минутажата која ја добивам делумно сум задоволен, но јас за тоа не одлучувам и ја прифаќам ситуацијата каква што е. – рече левиот бек Стефан Трпчевски.
Охрид мечевите од плејаутот ќе ги започне со 27 бодови, два помалку има Струга, потоа следуваат Радовиш и Вардар Јуниор со идентичен број на бодови 15. Утрешниот ривал на Охрид, Прилеп има 10 поени, а фенерџијата Борец е без бодови.
OhridNews