Ракометниот клуб Охрид ги скрои планот и програмата за летните подготовки во пресрет на новата сезона во Супер лигата. Подготовките на „гладијаторите“ започнуваат на 27 јули и ќе се одвиваат во Охрид, а потврдено е учеството на Ракометниот турнир во Струга кој ќе се одржи на средината од август месец.

Последните денови од јули месец ќе ги искористиме да се прилагодиме на условите бидејќи сите во клубот добро се познаваме. Со јако темпо ќе стартуваме на 3 август. Ќе работиме на неколку сегменти наеднаш. Сигурен сум дека ќе ги исполниме планот и максимално подготвени ќе бидеме за стартот на Супер лигата. Контролни средби ќе одиграме на турнирот во Струга каде го потврдивме учеството и уште неколку со екипи од нашиот шампионат. – изјави тренерот на Охрид, Раде Стојановиќ.

Охридскиот стратег најави дека во клубот може да пристине уште еден ракометар на пивотменската позиција и шанса оваа сезона како и минатата ќе добијат помладите играчи. Дел од Охрид не се повеќе Кристијан Анастасовски односно Лексо Цицелишвили.

Активно бараме ракометар на позицијата пивот, но нема потреба да брзаме или да земаме било што. На таа позиција веќе ги имаме Иван Тасески и Кристијан Димитриески. Повеќе минутажа ќе добијат младинците Мартин Ивановски, Михаил Ивановски и другите, кои ќе ни требаат во ротација. – истакна Стојановиќ.

Ракометарите на Охрид, регуларниот дел од Супер лигата минатата сезона го завршија на втората позиција зад лидерот Металург. Плејофот не се одигра затоа што се прекина првенството поради кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

OhridNews