Ракометарите на Охрид, в сабота, на гостински терен против составот на Пролет, ќе ја започнат новата сезона во македонската Супер лига. Целта на охриѓани во седмата сезона помеѓу суперлигашкото друштво е пласман во плејофот и борба за што повисоко место на табелата.

  • Минатата сезона имавме за цел да го стабилизираме клубот и да обезбедиме опстанок без проблеми. Во целост ја исполнивме мисијата. Годинава, имаме повисоки цели и мотиви. Сакаме да се вратиме помеѓу ТОП 4 и да играме во плејофот заедно со најдобрите клубови од нашата земја. – изјави спортскиот директор Горан Недески.

Дуелот со Пролет ќе биде официјално деби за новиот стратег на охридската клупа Раде Стојановиќ. Предводникот на охриѓани смета дека ракометарите се подготвени за предизвикот наречен Пролет и понатамошните во Супер лигата.

  • Максимално сме подготвени за почетокот и следните предизвици во Супер лигата. Ќе ни треба малку време и првенствени натпревари да го изградиме стилот на игра и да стигнеме до она ниво што јас го барам и посакувам. Стартуваме против Пролет, тим кој е долги години заедно има една хемија која никоја друга екипа го нема. Ние ќе одиме да победиме, бидејќи само така ќе ги остваривме наши цели пред почетокот на сезоната. – рече Стојановиќ.

Никој во охридскиот состав подобро не ја познава екипата на Пролет од Мартин Манасков. Средниот бек токму од Пролет се пресели во Охрид. Една новите аквизиции на Охрид имаше пофални зборови за клубот и досегашниот престој.

  • Охрид е многу добар и организиран клуб. Секогаш беше добро да се игра против Охрид на гостински и домашен терен. Сигурно ќе уживам играјќи во сино белиот дрес пред полни трибини и фантастични навивачи. Како што кажа и тренерот ние на секој ќе одиме да се надигруваме и да победиме. – додаде Манасков.

РК Охрид, годинава, покрај во сениорската конкуренција ќе се натпреварува во пионерска, кадетска и младинска конкуренција каде минатата година се закити со вицешампионската титула.

Мх.П.