Ракометарите на Охрид во среда (утре) со почеток во 17 часот во СРЦ „Билјанини Извори“ против екипата на Вардар Јуниор ќе ги финишираат мечевите од плејаутот во Супер лигата. „Гладијаторите“ се фаворити и се освен победа ќе биде големо изненадување на последниот меч за оваа сезона.
Сакаме да играме и да победувме. Само победа ние во мислите и сигурен сум дека ќе ја оствариме. Сезоната е пред крајот, сите сме уморни и исцрпени, но мора да стегниме заби и да одиграме на највисоко ниво. Вардар Јуниор не е ривал за потценување и мора да пристапиме одговорно и мотивирано. Јас лично сум гладен за ракомет и воопшто не ми беше проблем што сезонава играв со младинците и сениорите. Во младинците сум еден од носителите на играта и имам повеќе слобода, додека во сениорите се бара одговорност и притисокот е поголем. – изјави Мартин Ивановски.
Спортскиот директор во клубот Горан Недески ја заокружи сезоната како успешна, бидејќи управата и играчите ги исполниле зацртаните цели.
Првата цел ни беше финансиско стабилизирање на клубот во што комплетно успеавме. Во трк создадовме екипа и задача беше опстанок, а испадна да се бориме за место во плејофот. Жалиме што не влеговме помеѓу најдобрите екипи затоа што пласман во плејофот ќе беше награда за сите во Охрид. – потенцираше Недески.
„Гладијаторите“ со триумф над Вардар Јуниор ќе ја осигураат првата позиција на табелата и ќе завршат пред Струга во плејаутот од Супер лигата.
Мх.П.