Со состанок и прв тренинг, вечерва во салата „Билјанини извори“ Градскиот ракометен клуб Охрид ги започна подготовките за сезоната 2022/23 во Супер лигата.
На првиот тренинг шефот на струшниот штаб Горан Андоновски на располагање имаше 19 ракометари, вклучително и сите домашни и странски засилувања.
ГРК Охрид сезона 2022/23
Голмани: Василевски и Цинцадзе
Крила: К. Андоновски (к), Ристески, Рустамов, Костов, Цејовиќ,
Пикери: Димитријевиќ, Бојаниќ, Тасески, Матески
Бекови: Ончев, Д. Андоновски, В. Наумоски, Бошкоски, Остурк, Кастратовиќ, Грубиќ, Шипинкоски,
Стручен штаб: Горан Андоновски, Наум Бабачев, Александра Џамтоска, Зорче Георгиески, Марјан Мурџоски.
Иако од оправдани причини доцниме со подготовките се надевам дека ќе успееме да ја темпираме натпреварувачката форма до почетокот на првенството во септември. – истакна на првиот собир тренерот Андоновски.
На првиот тренинг екипата ја поздравија членовите на управата кои на ракометарите им посакаа добри подготовки и успешна сезона, во која, како што беше истакнато, клубот со заеднички сили и залагање на сите чинители влегува во остварување на амбициите.
Охриѓани го разбираат многу добро ракометот и живеат со клубот. Тие како и управата од играчите очекуваат максимално залагање, професионализам и тимски дух. ГРК Охрид има силна поддршка од градот и градоначалникот Пецаков, на нас сите е да возвратиме со добри резултати. – истакна првиот човек на ГРК Охрид Ристе Китевски.
Популарните „гладијатори“ првите десет дена од подготовките ќе ги минат во Охрид, по што продолжуваат на Маврово. Предвидени се контролни средби за воигрување на екипата, а генерален тест ќе биде меморијалниот турнир Крсте Андоновски – Усташ што во организација на ГРК Охрид и Општина Охрид, ќе се одигра на крајот од август.
„Гладијаторите“ ги запалија моторите, новиот ГРК Охрид ја започна сезоната 2022/23
OhridNews
Фото: А. Момироска