Охридските ракометари ќе бидат дел од 48-то издание на струшкиот ракометен турнир кој ќе се одржи на отвореното игралиште „Горан Попоски-Бабец“ од 12 до 16 август. „Гладијаторите“ во второто учество на турнирот во поновата историја силите во групата ќе ги одмерат со двократниот првак Вардар, Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер 2.

Ракометниот турнир во Струга има богата и долга традиција и ние како клуб сме почестени од шансата да учествуваме. Голем императив за нас ќе биде средбата со двократниот европски шампион Вардар. Интересна дерби пресметка ќе биде средбата со Бутел Скопје, а секако и дуелот со амбициозниот состав на Еурофарм Пелистер 2. Трите натпревари во групната фаза и мечот за пласман ќе ни послужат за што подобра подготовка во пресрет на новата сезона во Супер лигата. – изјави капитенот на Охрид, Крсте Андоновски.

Охриѓани нема да бркаат пласман на турнирот во Струга, туку мечевите ќе ги искористат за тестирање на можностите после долгата пауза поради пандемијата на коронавирусот.

Со задоволство ја прифатиме поканата да учествуваме на турнирот во Струга.. Чест ние да сме во група со уште актуелниот европски првак Вардар. Ракометарите ќе уживаат играјќи покрај сите ѕвезди на Вардар и со екипите на Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер 2. Ќе нема некој резултатски притисок, едноставно да видиме паузата колку влијаела на играчите. Секој ќе добие своја шанса и минутажа. Ние уште сме во фаза на физичка подготовка и воопшто нема да форсираме. – истакна охридскиот тренер Раде Стојановиќ.

Мечевите во Струга, составот на Охрид ќе ги започне в среда (19:30ч) против Бутел Скопје, в четврток (21ч) ќе се сретнат со Вардар, а в сабота (17:30) ќе се судри со Еурофарм Пелистер 2. Финалната разврска на турнирот е в недела.

Мх.П.