ГРК Охрид по пауза од седум години излегува на европската ракометна сцена. Во 2 коло од ЕХФ купот, Охрид во сабота на домашен терен го игра првиот меч против романскиот претставник Потаиса Турда. Противникот е силен, во континуитет настапува во евро куповите веќе една деценија, посочува стратегот на „Гладијаторите“ Стевче Алушовски.
Турда е една од водечките екипи во ромаското првенство, екипа составена од голем број на романски и други интернационални репрезентативци, една квалитетна екипа. Имаме доста сознанија за противникот, добивме доста видео материјали со кои се подготвуваме, работиме како за секој натпревар. Овие се натпревари кои се играат во две полувремиња. Во Охрид ќе се одигра само првото полувреме. Се надевам дека од двете полувремиња ние ќе излеземе како победници, истакна Алушовски.
Охрид има свој систем на игра, но и квалитет, потенцира Алушовски.
Направивме заедно со луѓето кои го раководат клубот еден респектабилен тим од којшто секој треба малку да стравува. Не се плашиме, не ги потценуваме и не ги преценуваме повеќе од што треба гостинските ракометари. Секако дека се фаворити на овој меч, имаат повеќе европско искуство, меѓутоа ние ќе направиме се да Охрид на крајот се радува, додаде Алушовски.
Настапот во Европа е награда за постигнатиот резултат минатата сезона посочи Алушовски. Тој ги повиќа охриѓани да ја поддржат екипата и да уживаат во добра ракометна претстава.
Очекуваме еден спектакл, празник на ракометот во Охрид на којшто најрепрезентативно ќе го претставиме прво охридскиот ракомет, Охрид како град, македонскиот ракомет. Ги повикувам сите љубители на ракометот да дојдат да не поддржат во сабота, тоа што ние можеме да го ветиме е беспрекорна борба на секоја педа од теренот. Дојдете да уживме заедно и на крајот да се радуваме, истакна Алушовски.
И капитенот на Охрид Иван Тасески упати порака до љубителите на ракометот и верните „Рибари“ да ја исполнат салата „Билјанини извори“ и да и помогнат на екипата да оствари позитивен резултат.
Атмосферата во екипата е одлична. Повторно сме на европската сцена, ќе биде тоа спортски празник за градот. Очекувам полна сала и поддршка и со добра игра да остварите добар резултат и со предност да патуваме на реваншот во Романија.
Искусното крило Гоце Ојлески вели дека екипата е фокусирана на претстојниот меч и очекува спортски спектакл во кој домашните играчи носени од публиката ќе дадат се од себе да остварат победа.
Го анализираме противникот. Имаат добри крила кои трчаат многу и ја казнуваат секоја грешка. Треба да обратиме внимание на тоа, работиме секојдневно на детали и мислам дека ќе ги спречиме таквите нивни напади, рече Ојлески.
Натпреваот од ЕХФ Европскиот Куп помеѓу ГРК Охрид и Потаиса Турда, ќе се одигра во сабота, 19 октомври, во спортската сала „Билјанини извори“ со почеток во 19 часот.
Од 16 часот пред салата ќе биде отворена фан зона каде за забавата ќе се погрижи Dj Face. Во склоп на истата ќе биде отворен и Фан шоп каде ќе можат да се купат дресови, маици, шалови, привезоци и други брендирани сувенири со логото на ГРК Охрид.
Продажбата на карти од петок ќе се одвива само на билетарата при спортската сала од 9:30 до 15:30, а во сабота од 10:30 до почетокот на мечот.
Вратите пред натпреварот ќе бидат отворени во 17:30 часот. Апел до сите љубители на ракометот навреме да пристигнат за да се избегнат непотребни гужви и да можат непречено да ги заземат своите места, бидејќи седиштата се нумерирани, соопшти ГРК Охрид.
Г.М.
Фото: А. Момироска