Ракометарите на Охрид подготовките за вториот дел од сезоната во Супер лигата, ги продолжија со настап на реномираниот Меѓународен турнир „Драго Јововиќ“ што се одигра викендов во соседна Србија. Покрај Охрид, на турниурот учествуваа и Војводина, Црвена Ѕвезда и домаќинот Врбас.

Во полуфиналето, вчера, Војводина го совлада Охрид со 37:26 (19:12). Најдобар поединец во редовите на Охрид беше крилото Гоце Ојлески со 8 постигнати гола.

Во второто полуфинале, Црвена Ѕвезда го совлада Врбас 33:27 (16:15).

Во битката за бронзата, домаќинот Врбас и Охрид одиграа неизвесен натпревар кој беше решен по изведувањето на пенали, откако во регуларниот дел мечот заврши 32:32 (16:16). По седмерците Охрид славеше 35:36.

Најдобар во редовите на „Гладијаторите“ беше хрватскиот интернационалец Рудолф Шафранко со 7 погодоци.

„Гладијаторите“ бронзени на Меѓународниот ракометен турнир „Драго Јововиќ“ во Врбас

Победник на турнирот е Војводина која во финалето ја совлада Црвена Ѕвезда со 35:23 (17:12).

Г.М.