Ракометарите на Охрид по кратката пауза за новогодишните празници, денеска ги започнаа подготовките за вториот дел од сезоната во кој “Гладијаторите” ќе настапуваат во разигрувањето за шампионската титула и местата кои водат во Европа.

До 17 јануари екипата ќе тренира во Охрид, по што заминува за Атина каде на 19, 20 и 21.01. ќе одигра три контролни натпревари со Дукас, Олимпијакос и Аек.

На 22 јануари екипата се враќа во Охрид од каде ќе отпатува за Србија каде, исто така, предвидени се неколку подготвителни натпревари.

На 23 јануари ГРК Охрид во Шабац ќе се сретне со Металопластика, на 25 ќе игра со Динамо Панчево, по што ќе настапи на турнирот во Врбас каде освен домаќинот ќе играат уште и силната Војводина и Црвена Звезда.

Пред враќањето дома Охрид во Србија ќе одигра уште еден контролен натпревар со Дубочица.

Тренерот Стефан Алушовски на стартот од подготовките на располагање ги има сите играчи, освен интернационалците Хироки Матсуока кој настапува за Јапонија на Азиските игри и ќе му се придружи на тимот во Србија, како и Грузиецот Тимо Орјоникидѕе кој на екипата ќе и се приклучи по завршување на настапот на претстојното Европско првенство.

OhridNews

Фото: Бобан Стојаноски