Кошаркарскиот клуб Охрид не успеа да се пласира во плејофот од Втората македонската кошаркарска лига за прогрес во елитата, заостанувајќи само бод од топ 4, но враќањето на кошарката на спортската мапа во Охрид е најголема добивка на клубот. Топ 4 останува цел за следната сезона, а клубот преку официјално соопштение поднесе извештај за работата на клубот изминатава сезона.
По завршувањето на првенството во Втората лига од западниот регион, Градскиот кошаркарски клуб Охрид, под покровителство на градоначалникот на општина Охрид Константин Георгиески и секторот за Спорт при локалната самоуправа Охрид поднесува извештај за сработеното во сезоната 2020/21.
ГКК Охрид е формиран како Здружение на граѓани од неколкумина ентузијасти и вљубеници во кошаркарката и функционира нешто повеќе од седум месеци, а веќе се етаблира како сериозен тим во Втората кошаркарска лига. Самиот факт дека повеќето од играчите беа повикани после пауза од две и повеќе години неактивност од кошаркарските терени може да ја окарактеризираме првата сезона како повеќе од успешна. Првичната цел за опстанок со освојување на петтото место во друштвото на Второлигашите е веќе остварена, а со малку среќа ќе можевме да учествуваме во плејофот, но тоа ќе ни биде предизвик за следната сезона.
Во моментов се работи на зачувување на костурот на екипата, но се размислува и за некое засилување за поголема конкурентност за следната сезона. Задоволството е посебно затоа што сите играчи кои настапуваат како и стручниот штаб во моментов се охриѓани со исклучок на двајца соиграчи кои даваат исклучителен придонес за успешната кошаркарска приказна. Како дополнување на успешата сезона во Втората кошаркарска лига можеме да се пофалиме со работа и функционирање на нашата кошаркарска школа која брои повеќе од 80 членови, а новитет е формирањето на група девојчиња која полека но сигурно напредуваат во кошаркарските вештини и се надеваме дека од следната сезона ќе имаме и женски кошаркарски клуб Охрид кој би се натпреварувал во младинската лига.
Во оваа прилика покрај градоначалникот и Локалната самоурава сакаме да се заблагодариме на ЈП „Билјанини извори“ за одличната соработка во изнајдување на оптимални термини за тренинг и натпревари како и ОУ „Григор Прличев“ и ОСУ „Св. Климент Охридски“ со нивните директори кои овозможија одличната соработка и отстапување на термини за работа со младите категории. Воедно сакаме да се заблагодариме и на сите наши пријатели спонзори, покровители, медиуми и помагатели, кои допринесуваат повторно да ја вратиме клупската кошарка во Охрид. Оваа натпреварувачка сезона покрај тоа што за нас слободно можеме да кажеме дека беше успешна, сакаме што побрзо да ја заборавиме поради пандемијата на Ковид 19, забраните и рестрикции за оддржување на спортски натпревари без публика и следната сезона да се вратиме на терените во нормални услови со реализација на сите планови и активности.
Ви благодариме за поддршката. Со почит ГГК Охрид.
На „галебите“ за влакно им избега пласман во топ 4, сезоната може да се оцени како успешна
OhridNews