Вечерва од 21 часот на сцената кај „Св. Софија“ концерт ќе одржи гитаристот Дарко Багески, во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Багески своето образование го започнува во Скопје (Македонија), матурира во Загреб (Хрватска), а дипломира во Вајмар (Германија). Постдипломските студии ги завршил во Солун (Грција), во класата на професорот Костас Коциолис.

За време на школувањето учествувал на многубројни меѓународни стручни семинари и посетувал мајсторски курсеви кај еминентни професори и педагози по класична гитара.

Во текот на кариерата остварил многубројни солистички настапи во Македонија, Хрватска, Грција, Германија, Шведска, САД и други земји.

Тој се јавува и како претседател на Здружението на класични гитаристи на Република Македонија, член е на повеќе интернационални жири-комисии, а значајна е и неговата улога во основањето на меѓународниот фестивал „Гитар фест – Тремоло“. Во моментов работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. 

OhridNews