Со донесувањето на новиот Закон за основно образование во 2019 година, за прв пат во државава системски беше осмислен инклузивен процес за учениците со посебни образовни потреби и нивно вклучување во редовниот образовен систем. Петстотини образовни асистенти од почетокот на  оваа учебна година ќе бидат вклучени во редовното образование кои ќе бидат поддршка на децата со попреченост вклучени во редовното образование.

Во Охрид заедно со општина Дебрца распределени се осум образовни асистенти, што засега не ја задоволува бројката, но почетокот на спроведување на овој процес значи дека се започнува и со надминување на досегашните конзервативни и стереотипни сфаќања во однос на едукација на децата со попреченост. Како ова ќе влијае, пред се на децата со пoсебни образовни потреби и на сите чинители кои се вклучени во образовниот процес разговараме со Дијана Гиноска, инклузивен дефектолог во ОУ Христо Узунов.

ON: Во државава од оваа учебна година со вклучување на образовни асистенти кои ќе бидат поддршка на децата со попреченост во редовното образование поинтензивно започнува процесот  на инклузија во редовниот процес на образование на децата со попреченост. Што ќе значи ваквиот начин на едукација за децата?

Д. Гиноска: Овој процес подразбира навремена детекција на пречки во развојот преку системска медицинска дијагностика и отпочнување на рана рехабилитација, се со цел децата да го развијат својот полн потенцијал како предуслов за подготвување  и водење на колку што е можно самостоен живот. Конкретно инклузивниот процес во основно образование подразбира детекција на ученик со посебни образовни потреби, прифаќање и адаптација на ученикот во паралелката, изготвување на програма за индивидуално образование која е во согласност со индивидуалните способности и можности на детето, постојана опсервација од страна на училишниот инклузивен тим за следење на неговиот напредок како и ангажирање на лични и образовни асистенти во ситуации кога додатна помош е неопходна за да се усвојат различни наставни единици. Законот предвидува ресурсни центри како и училишта за поддршка постојано да го следат овој процес излегувајќи во пресрет со материјални и човекови ресурси. Нашата општина реонски припаѓа на југозападниот плански регион каде што ресурсен центар е ОУ „Кочо Рацин“ од Битола, додека училиштето за поддршка во нашиот град е ООУ „Св. Климент Охридски“ кое е задолжено за целосна координација на сите основни училишта во општината.

ON: Колку училиштата  во нашиот град се подготвени за спроведување на процесот?

Д. Гиноска: Во текот на второто полугодие од учебната  година 2020/2021 година беше спроведена координација и взаемна соработка на директорот на ООУ „Св. Климент Охридски“ со училишните претставници на основните училишта во градот за отпочнување на процесот на инклузија и подготовка на училиштата со овој нов предизвик.

ON: Дали сметате дека тримесечната обука ќе биде доволна за образовните асистенти, оние кои што не се дефектолози по професија да можат да го спроведат процесот? Дали има доволно асистенти за спроведување на процесот во Охрид?

Д. Гиноска: Личните и образовните асистенти се само една од алките во процесот на инклузија. Секако дека со тримесечна обука тие ќе добијат базични насоки за отпочнување на процесот но понатака е планирана континуирана едукација и поддршка од страна на училишните инклузивни тимови, училишта за поддршка како и ресурсни центри. Како што вели една латинска поговорка „Почетоците на сите нешта се тешки“. Но, целта на овој процес е да се развива, надополнува, усовршува во годините пред нас , за да имаме едно достоинствено општество кое ќе ги надмине предрасудите, стигматизацијата, а и стереотипите околу децата со посебни образовни потреби. Во однос на бројката  во  општина Охрид заедно со општина Дебрца беа распределени осум образовни асистенти што е засега незадоволителна бројка, но очекуваме овој број да стане поголем бидејќи општина Охрид има потреба за далеку поголем број. Искрено се надевам дека тоа ќе се надополни во претстојниот период.

ON: Колку како држава сме подготвени да го спроведеме процесот?

Д. Гиноска: Штом државата  го започна овој процес, се гледа спремноста и волјата да се внесат системски промени. Сигурно дека постојат долгорочни планови и финансиска конструкција овој план да биде  успешен. Морам да напомнам дека ова не е едноставен процес во кој само државата треба да спроведе нешто, туку потребна ни е ментална промена во перцепцијата за  лицата со посебни образовни потреби и вклучување и на семејствата и индивидуи  како суштински фактори во овој процес на промена. Едноставно речено целото општество треба да се вклучи за да имаме едно подобро утре за нашите децата

ON: Како во нашето општество се прифаќаат промените?

Д. Гиноска: Генерално во нашето општество тешко се прифаќаат промени, но ако има расположеност кај секој од нас да даде мал придонес во овој сегмент, може многу да направи во севкупната клима. Суштински е важно овој процес да биде поддржан преку кампањи како би се извршила промена на јавната свест за оваа проблематика во нашето општество.

ON: Како родителите ќе треба да се посветат и да работат со оние деца кои ќе се вклучени во редовниот процес?

Д. Гиноска: Родителите како партнери во процесот на едукација на своите деца се и тоа како важни. Нивната појдовна задача е континуирано, посветено, доследно и истрајно да ги применуваат советите кои им се упатуваат за да се даде напредок во надминување на проблемите, бидејќи взаемна работа е предуслов за успех. Нивната задача е да го следат детето во домашна средина, да го организираат времето и според конкретно утврдени насоки да работат со детето.

ON: Вие сте активно вклучени во работа со децата со попреченост. Што вели искуството, дали има заинтересираност конкретно во Охрид за децата да бидат вклучени во редовниот процес на настава?

Д. Гиноска: Како инклузивен дефектолог во ООУ „Христо Узунов“ Охрид моето работно искуство зборува за тоа дека постои огромна заинтересираност за вклучување на децата со ПОП во редовниот образовен процес. Родителите со огромна надеж ги запишуваат своите деца и активно учествуваат во процесот на инклузија. Ова е показател дека се кршат досегашните конзервативни и стереотипни сфаќања во однос на едукација на децата со ПОП. Развојот на цивилизација условува да како општество креираме средина  во која прифаќање и вложување во децата со посебни образовни потреби, ќе создаде средина во која сите ние ќе имаме право на пристоен и достоинствен живот.

Кристина Алексиеска