Сeријата инциденти што се случија во Гимназијата или беа поврзани со неа, ќе бидат разгледани од научниот совет на оваа образовна установа. На советот кој ќе се одржи на крајот од шпколската година ќе се расправа за однесувањето на поедини ученици и професори инволвирани во видео клипови и слични испади, како и за тепачката што неодамна се случи на екскурзија во Будва каде ученици на Гимназијата физички се пресметале со врсници од Скопје, исто така екскурзијанти. Во тепачката повреден е и еден професор кој се обидел да ги раздели разулавените тинејџери.


Последниот инцидент само ја прели чашата велат надлежните кои исто така иницираа постапка за расчистување на случајот. Од секторот за образование при локалната самоуправа не информираа дека очекуваат раководството на училиштето да ги преземе сите потребни мерки за враќање на нарушениот углед на училиштето. Постапка повел и просветниот инспекторат кој според законот е надлежен да реагира во вакви случаи. Загриженост за случувањата во охридската Гимназија изразија и родителите на учениците кои очекуваат состојбите во училиштето да се расчистат до крај во интерес на вистинските ученици и училиштето во целост.