Матурантите и учениците од трета година во гимназијата „Св. Климент Охридски“ делумно да продолжат со настава, а  дел ќе бојкотираат, додека учениците од средното стручно училиште „Св. Кирил иМетодиј“, ќе продолжат со целосен бојкот. Ова, како што дознава OhridNews, било договорено на состанокот на средношколскиот пленум на овие две училишта, што се одржа попладнево.

Од средношколскиот пленум на охридската гимназија информираат дека бојкотот ќе продолжи во законска форма, односно 15 минути час, а 30 минути бојкот. Исто така во наредните денови ќе се организираат протестни маршеви и други форми на незадоволство од, како што велат, лошите реформи во образованието.

Од средношколскиот пленум во средното стручно училиште „Св. Кирил и Методиј“  – Охрид, за OhridNews изјавија дека и натаму во целост ќе се бојкотира наставата, односно нема да се посетуваат часови.

Директорот на гиманзијата Ѕвонко Трпески, истакна дека е постигнато компромисно решение во интерес и на учениците и на наставниот кадар.

-Разговарано е на сите нивоа и во постојан контакт сме и со учениците и со поретставниците на класните заедници, училишните одбори и советот на родители. Взаемно се дојде до едно решение да се отпочне со настава и учениците да се вратат на настава, а нивниот бојкот да се манифестира во други форми. Веќе се реализираат часовите за оваа смена.- изјави Трпески.


Ѕвонко Трпески

Засега е нејасно дали ќе има пролонгирање на школската година, освен тоа дека предвидената наставна програма ќе се реализира забрзано.

-Апелиреаме учениците да се вратат во училишните клупи со цел да продолжи наставата, да се реализираат наставните програми, а од друга страна и обврските како на учениците така и на наставниот кадар да бидат заокружени и успешпно да се заврши учебната година и полагањето на матура.- истакна Трпески.

Инаку евентуална одлука за пролонгирање на школската година носи Министерството за образование.

Г.М.

Конкретен предлог за надминување на проблемот со бојкотот на наставата во охридската гимназија