Педесетина ученици од Првата загребска гимназија (Загреб, Хрватска) деновиве беа гости кај свои врсници од oхридската гимназија Свети Климент Охридски. Ова беше, со дипломатски речник кажано, возвратна посета, бидејќи ученици од Охрид во октомври минатата година веќе беа во посета на Загреб. Ова дружење на тинејџерите има „музички“ предзнак бидејќи идејата потекнала од професорот по музика од охридската Гимназија, Александар Димоски.

„Загребската Прва гимназија е основана уште во 1854. година од Бан Јелачиќ (познат хрватски генерал и борец за слобода) и е меѓу најстарите во Хрватска. Бидејќи и нашата гимназија е со традиција, одлучивме да размениме искуства и да оствариме контакти и обострани посети, односно нашиот хор и нивниот. Се надеваме на уште подобра и поквалитетна дружба во иднина“ вели професорот Димоски.

Хрватските гимназијалци беа сместени кај своите другари од Охрид, во нивните семејства. За време престојот во нашиот град (скоро сите од нив прв пат во Македонија и Охрид) имаа време за прошетки низ стариот дел на градот и запознавање со културното наследство, излети, возење со брод по езерото и вкусување македонски кулинарски посебности.

„Официјалниот“ дел заврши со убав едночасовен концерт во холот на охридската гимназија. Директорот на загребската гимназија Андрија Ловриќ имаше само убави зборови за времето поминато во Охрид. „Никој од нас никогаш не бил во Охрид. Имавме многу содржајна посета. Народот е гостопримлив, нашите домаќини извонредни“ изјави Ловриќ.


Директорите Ловриќ (лево) и Машановиќ

Девојките од хорот на загребската гимназија заедно со присутната публика (во мешан состав) го завршија својот настап со легендарната „Билјана платно…“ што беше бурно поздравено.

С. Костоски