Следната година охридскиот Сојуз на училиштен спорт ќе прослави јубилеј од 20 години постоење на спортската мапа во Охрид. Приказната на Сојузот на училиштен спорт започна во 1995 година кога професорите по физичка култура и образование го формираа и до ден денес активно го „храни“ охридскиот спорт.
– Одржувањето и организацијата на „Гимназијадата“ нека биде круна на нашиот јубилеј, кој треба да го прославиме следната година. Ова ќе биде врв на нашите кариери затоа сите ќе дадеме максимум да направиме „Гимназијада“ за која долго ќе се зборува и ќе се памети – рече Пеце Георгиески претседател на Сојузот на училиштен спорт.
Охрид и Сојузот на училиштен спорт неколку пати биле домаќини на атлетските и фудбалските натпревари, но никогаш на едно место не ги собрале сите спортски дисциплини.
– Неколку пати бевме домаќини на натпреварите во атлетика и фудбал, а прв пат на едно место ќе ги собериме сите спортисти. Затоа сите професори и волонтери се свесни за потфатот, кој го носи организацијата на „Гимназијадата“ која ќе донеси повеќе од 1000 деца во нашиот град – додаде Георгиески.
Професорите по физичка култура имаат големо искуство од гимназијадите бидејќи биле дел како ученици и тренери на екипите.
– Сите колеги имаме големо искуство кое секако ќе биде од голема помош при организирањето и водењето на екипите. Како тренер го освојувавме турнирот во мал фудбал, а како ученик со мојата екипа победувавме во ракомет. Тоа чуство е незаборавно и на се сеќавам како да беше вчера – истакна Георгиески.
Покрај екипните спортови Сојузот на училиштен спорт ќе ги развива екстремните спортови кои се во сенка на далеку популарните фудбал, атлетика, кошарка, одбојка и ракомет.
Михаил Постоловски