Пишува: Д-р Кристина Митреска
Доктор по општа медицина

Гихт или уште ја нарекуваат „болест на гурмани“ е метаболно заболување кое предизвикува воспаление и оток на зглобовите. Овој облик на воспаление на зглобовите – артритис, е предизвикан од таложење на кристалите на уричната (мочната) киселина во зглобовите. Се јавува заради нарушување на односот на продукција и елиминација на уричната киселина т.е. ексцесивна хиперпродукција или намалена бубрежна екскреција (исфрлање) или заради двата феномена.

Болеста најчесто се јавува помеѓу 40-50 години. Ги засега главно мажите, во 90-95% од случаите пациентите се мажи, а останатите се жени во менопауза. Причините за појава на гихт можат да се поделат на метаболни и ренални. Постои и секундарна хиперурикемија која се јавува во текот на друга примарна болест или заради употреба на лекови. Ризик фактори за појава на гихт се дебелината, резистенцијата на инсулин, дијабетот, хиперлипидемијата, артериосклерозата, претераното пиење алкохол, кои ќе доведат до намалено исфрлање на уричната киселина што ќе предизвика нејзино таложење во телото.

Одредени лекови што се користат во хемотерапијата или при трансплантација на органи исто така можат да придонесат за појава на гихт. Клиничката слика на гихтот се дели на 4 стадиуми. Првиот стадиум на болеста е асимптоматска хиперурикемија. Во оваа фаза постои покачување на нивото на урична киселина во серумот, но нема артритични симптоми. Втората фаза – акутен уричен артритис или акутен гихт се јавува по долго асимптоматско депонирање на значителни количества кристали во зглобовите. Прва манифестација е исклучително болен артритис, во почетокот моноартикуларен (еден зглоб), а подоцна и полиартикуларен (повеќе зглобови), кога може да биде придружен со треска и висока температура.

Најчесто кај повеќе од половина болни, првиот напад на гихт се јавува на палецот од стапалото. Се јавува ненадејно, обично ноќе, со исклучителна болка, оток и црвенило на зафатениот зглоб. Често е предизвикан од траума, алкохол, диетален ексцес или употреба на некои лекови. Болните имаат покачена температура, на лабораториските испитувања може да има леукоцитоза и забрзана седиментација. Нападот може да трае ден-два, па сè до неколу недели. Карактеристично е дека завршува спонтано.
Покрај палецот, гихтот може да се манифестира и на скочниот зглоб, колената, рачните зглобови, прстите на рацете и лактите. Третата фаза е интеркритична фаза т.е. фаза помеѓу нападите кога болеста мирува. Четвртата фаза е хроничен тофусен гихт кога се јавуваат тофи на кожата кај болниот зглоб, вкочанетост на зглобовите, ограничена подвижност и деформитети.

Дијагноза се поставува врз основа на добро земена анамнеза, физикален преглед, лабораториско испитување за докажување на зголемено ниво на урична киселина во серумот, а дефинитивна дијагноза се поставува со докажување на кристалите на мононатриум урат во леукоцитите на синовијалната течност на зафатениот зглоб. За терапијата на гихтот, битно е да се спомене дека се вклучува третман на акутниот напад на гихт и терапија за спречување на рецидиви. Во акутната фаза се ординираат нестероидни антиинфламаторни лекови (индометацин, напроксен, кетопрофен, диколфенак… ). По акутната фаза се дава антихиперурикемична терапија која има за цел да воспостави концентрација на серумските урати под 420 ммол. За таа цел се користи урикостатик – алопуринол.

Совети за спречување на повторните напади на гихт:

Намалете ја телесната тежина која дополнително ги оптоварува зглобовите, намалете го внесот на протеини од животинско потекло, јадете помали порции месо, претежно бело пилешко и риба, избегнувајте јаткасти производи, црна чоколада, црвено вино и пиво, пијте повеќе вода за да се разреди уратната киселина и да се исфрли од телото.

Текстот е објавен во летното издание на магазинот „Наше Здравје“
на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм