Вертикален талус претставува тешка деформација со ригидно рамно стапало, кај кое имаме дорзална дислокација на навикуларната коска и еквино-валгус на калканеусот.
Преваленцата изнесува 1:10 000 новородени, подеднакво и кај машкиот и женскиот пол, обично билатерално, на двете стапала. Во 50 % од случаите, деформитетот е изолиран, додека другата половина е во склоп на некој синдром.
ЕТИОЛОГИЈА
Причините за настанување се неразјаснети. Најчесто како причина е наследниот фактор. Се наследува автосомно-доминантно и се пренесува на двата пола. Многу често е пропратен со мускулоскелетни или невролошки заболувања, како на пример: спинална мускулна атрофија, трисомија 13, 15, 18, неврофиброматоза и слично.
СИМПТОМИ И ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ
Клинички се презентира со еквино-валгус на задниот дел на стапалото, средниот дел е плантарно конвексен, предниот дел на стапалото е во абдукција и дорзофлексија, а присутни се и длабоки кожни набори, дорзолатерално. Од мекоткивните структури важно е да се нагласи дека Ахиловата тетива, зглобната капсула на субталарниот зглоб се во контрактура. Лигаментите на плантарниот дел на тало-калканеарниот зглоб се ослабени и последично на ова задниот дел на стапалото е во еквино-валгус. Стапалото е со многу ограничени движења во сите правци. Дијагнозата се поставува најпрво со клинички преглед, а потоа се прават понатамошни испитувања, како рендген на стапалото во две насоки, ултразвук и магнетна резонанца.
ПОСЛЕДИЦИ
Ако не се дијагностицира навремено или ако не се почне со моментално лекување, може да настане голем инвалидитет. Во почетокот, проодувањето не доцни, започнува како и кај сите деца меѓу првата и втората година од животот, но потоа настануваат прогресивно ригидни, болни деформации со конвексна флексија на табаните. Поради слабата сила врз стапалото, тежината на телото се пренесува на главата на талусот. Коскеното ткиво на ова реагира со формирање калус, кој понатаму претставува проблем во адолесценцијата. Ваквите нетретирани пациенти имаат значајни проблеми со одот и со носењето на обувки.
ТРЕТМАН
Препорачана метода на лекување е Dobbs-овата метода, која претставува комбинација на Понсети-методот за гипсирање и хируршка интервенција. Гипсовите се контролираат на 7 до 10 дена, а гипсот се менува од прилика 4 до 5 пати додека не се добие добра позиција на талусот. Потоа се пристапува со оперативниот третман. По 8 недели се вади гипсот и оперативниот материјал, и се ставаат ортози кои се носат 4 недели по 22 часа, а потоа 2 години само навечер. Кај потешките случаи во исходот на лекувањето треба да се има предвид и постоењето на деформитет во рамки на синдром и тоа многу ќе влијае во понатамошниот третман и опоравувањето на пациентот.
Кај сите невромускулни коморбитети забележани се тешки и ригидни дислокации што бараат поопсежен оперативен зафат. Целта на терапијата е да се воспостават приближно нормални анатомски односи, да се врати опсегот на движењето и функционалноста на стапалото. Целосната корекција на стапалото е многу ретка. Предизвик на секој доктор е ова да се постигне со методот на гипсирање со многу чести контроли и манипулации и избегнување на хируршкиот третман. Доколку пациентите навремено се дијагностицираат и лекуваат, болките ќе се намалат или ќе исчезнат, ќе имаат флексибилно и функционално стапало, со задоволувачки опсег на движење и секако ќе можат да носат обувки.
OhridNews