Во месецот со најмалку дена во годината, во месецот кој пациентите со ретки болести го викаат „свој“, месецот кој е редок по своите ретки 28 или 29 дена ќе се обидеме поблиску да Ве запознаеме со ретките болести во Република Македонија.
Да ги дознаеме предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воошто се пристапни и достапни лековите?…
Автозомно доминантна хипокалцемија
Autosomal dominant hypocalcemia /МКБ Е20.8
Синоними: автозомно доминантен хипопаратироидизам, фамилјарна хиперкалциурична хипокалцемија, фамилјарна хипокалцемија.
Автозомно доминантна хипокалцемија (АДХ) е многу ретка болест на хомеостазата на калциумот. Таа е предизвикана од мутација на CASR (3q21.1) генот кој што го кодира калциум сензинг рецепторот. Овој рецептор игра клучна улога во регулација на метаболизмот на калциумот и на фосфорот преку контролирање на секрецијата на паратхормонот и преку екскреција на калциум преку урина како одговор на варијациите на серумскиот калциум. Бидејќи се работи за активирана мутација на овој ген, се случува да има зголемена сензитивност на клетките на паратироидната жлезда и на клетките на тубулите на бубрезите кон нивото на калциум, и затоа доаѓа до хипокалцемија која што овие клетки ја перцепираат како нормална. Исто така се опишани и активирани мутации и во GNA11 (19p13.3) генот.
Болеста се наследува автозомно доминантно така што доволно е детето да наследи само една копија на мутиран ген од едниот родител за да ја манифестира болеста. Кај мал број на пациенти мутацијата настанала де ново значи ниеден од родителите не е носител на мутацијата.
Калциумот игра важна улога во контрола на движењата на мускулите така што при негов недостаток се јавува грчење или треперење на мускулите. Колку што е пониско нивото на калциум, симптомите се поизразени.
Клиничката експресија и возраста на манифестирање на симптомите се многу варијабилни (зависно од нивото на калциум во крвта).
Некои пациенти се комплетно без симптоми (кај нив диагнозата се поставува при случајно испитување на крвта), некои се со умерени симптоми (грчеви, парестезии) и некои имаат многу тешки симптоми (пр повторувачки конвулзии).
Најчест симптом на автозомно доминантна хипокалцемија се мускулни спазми на мускулите на рацете и стопалата (карпопедални спазми), грчење на мускули, сензации на пецкање и боцкање (парастезии) или невромускулна иритабилност во вид на треперење на мускулите во ралични делови на телото. Лицата со најтежок облик на болеста имаат конвулзии обично од доенечка возраст или рано детство. Некогаш овие симптоми се јавуваат само при епизоди на болест или при температура. При хипокалцемија пациентите имаат потешкотии во концентрација и обично тоа се нарекува со терминот „brain fog” (магла во мозок).
Освен низок калциум во крвта, високо ниво на калциум во урина исто така присутно е високо ниво на фосфор во крвта, ниско ниво на магнезиум во крвта и зголемено лачење на магнезиум со урина. Нефрокалционоза и оштетена бубрежна функција се исто така опишани. Калцификати се формираат и во базалните ганглии на мозокот, кои се должни за контрола на движбите. Исто така се опишани случаи на автосомно доминантна хипокалцемија со карактеристики на Бартер синдром (додатно присутна хипокалемија и метаболна алкалоза). Кај автозомно доминантна хипокалцемија серумското ниво на ПТХ е нормално или ниско. На нивото на калциум влијаат и други фактори на околината, исхраната, менструален циклус, стресот итн.
Диагнозата се поставува со лабораториски иследувања, додека се потврдува со генетско иследување.
Третман
Третманот кој има цел да го корегира нивото на калциум во крвта треба да се реализира со внимание, бидејќи секое покачување на нивото на калциум (дури и кога е во граници на нормала) од страна на клетките на бубрегот ќе се перцептира како хиперкалцемија и ќе води кон зголемена ексрекција на калциум со урина со можност на развивање на нефрокалциноза и бубрежна инсуфициенција. Целта на третманот е да се најде баланс меѓу клиничките знаци на хипокалцемија и одржување на хомеостаза на калциумот. Треба да се мониториа нивото на калциум во урина. Особено внимание треба да се даде на децата бидејќи хронична хипокалцемија има негативен ефект во интелектуалниот развој кај детето. Конвенционалиот третман се состои во субституција на 1 алфа хидроксилиран витамин Д, дозите кај децата некогаш се поголеми отколку кај возрасни заради растотот. Исто така се даваат суплементи на калциум и на магнезиум. Потребни се редовни ултразвучни прегледи на бубрезите. Кај пациентите кај кои не може да се контролира нивото на калциум во урина се дава и хидрохлортиазид.
Во последно време на дофат се препарати на екзоген паратхормон (ФОРСТЕО, НАТПАРА) кои се администрираат преку инфузиона пумпа кој што овозможува стабилен калциум во крвта, нормализирање на нивото на фосфор во крвта и исто така има ефект во смалување на ексрецијата на калциум во урина. Натпара е одобрен од ФДА и ЕМА за долготрајна употреба на пациенти со хипопаратироидизам.
Во моментот тече студија за рекомбинантен паратхормон кој има долг полуживот и би се администрирал еднаш дневно субкутано. Исто така тече студија за перорален препарат на паратхормон. Додека лекот кој би влијаел на ниво на калциум сензинг рецепторот како инхибитор тн Калцилитик е во втора клиничка фаза, тој би имал директен ефект на рецепторот со тоа што ќе се покачи нивото на калциум во крвта додека во урина ќе се смали излачување.