„И ова последното со реконструираната црква музеј на скопското Кале исто така не е ли удар по македонскиот идентитет и начин за бришење на македонското постоење и децениското уривање и уништување на македонските цркви и споменици во северна Грција. И неприфакањето на Македонската православна црква, возобновената Охридска архиепископија, како црква на македонскиот народ не е подалеку од желбата на соседите кои неприфаќајќи не, сакаат духовно да не изолираат и обезличат како православен народ. Но длабоки се духовните корени и цврсти се темелите на нашите градби и долга е историјата на нашето постоење ќе истраеме и ќе се одбраниме, зашто вистината е наша страна а веруваме и Бог е со нас“, изјави архиепископот Стефан.
Тој посочи дека е подготвен за средба со челниците на Исламската Верска Заедница со цел спречување на евентуални нови инциденти.
„Не е мое да оценувам и немам доволно аргументи кој стои позади настаните што се случија на Кале. Мислам дека лидерите на МПЦ и ИВЗ не сме инволвирани , но, јас не бегам од средби и разговори се со цел вакви немили сцени да не се случуваат. Јас мислам дека некои однадвор од верските заедници, ги поттикнува нашите млади што мислам дека не е добро за никого“, изјави архиепископот Стефан.
Тој денеска, во сослужение на митрополитите Агатангел, Тимотеј и Иларион со свештеници од Епархијата Повардарска, ја преосвети црквата Успение на мајката Божја, Света Богородица во Велес. И додека свештениците се молеа фрескоживописот да има исцелителна моќ бидејки пред него ќе се молат верниците, светото кандило, кое постојано ќе гори, го запали градоначалникот на Велес, Горан Петров.
На новиот фрескоживопис две години работеше тајфата Свети Лука, додека пак иконостасот изработен од длабока резба е дело на копаничарот Љубе Бисин.
„ Од овде со овој свет храм , светата Македонска Православна Црква повикува на помирување на нашиот народ оти се понагласена е поделбата помеѓу нашиот македонски народ. Светата црква повикува на единство како христијански народ, како граѓани на Република Македонија потребно е да си простуваме и да се покаеме и да се помолиме еден за друг зошто живееме во време со значителни искушенија“, рече господин господин Стефан.
Преосветената црква Света Богородица е изградена во далечната 1874 година со доброволни прилози на верниците. По преосветувањето на овој храм, верниците очекуваат што поскоро да биде осветена и црквата Свети Кирил и Методиј која се гради во центарот на Велес.
извор: „Макфакс“