Нема никаков скандал во ставањето на хотелот “Изгрев“ во струшко Калишта, под хипотека заради земање на кредит за негова обнова, изјави во Охрид поглаварот на МПЦ, Г.Г. Стефан. “Времето ќе покаже зошто токму сега некој сака да прикаже дека архиепискот е криминалец, дека проневерил и отуѓил имoти“, рече архиепископот Стефан.
Тој појаснува дека купувањето на хотелот Изгрев е обид да се врати разграбениот манастирски имот, за што е формирано заедничко ДОО со браќата Миладинови од Струга, кои со сопствени средства го купиле хотелот кога тој бил под стечај.Според архиепископот Стефан нема ништо спорно во ставањето на хотелот под хипотека, бидејќи како што рече објектот се наоѓал во многу лоша состојба а за да се земе кредит за негова обнова единствен начин бил тој да се стави под хипотека.
За да нема никаков сомнеж во намерите на црквата која се обидува да го поврати одземениот имот, странска ревизорска куќа ќе изврши анализа на целокупното работење на ДОО Миладинови, најави ГГ Стефан. “Во моментов до МПЦ се пристигнати три понуди од ревизорски куќи, од кои ќе ја избереме најдобрата“, рече Г.Г. Стефан. Тој рече дека за настаните околу хотелот Изгрев нема да се расправа на седницата на Синодт што ќе се одржи наредната недела, бидејќи дневниот ред бил утврден претходно, но најави дека архиереите ќе бидат информирани за целиот случај.
Во врска со забелешките дека на МПЦ со денационализацијата и се враќа повеќе имот отколку на ИВЗ, архиепископот Стефан рече дека нормално е на оној што повеќе му е одземено поваќе да му се врати, и очекува процесот на враќањето на имотите на сите верски заедници да заврши во брзо време.
Г. Момироски