Името на Македонската православна црква е Охридска архиепископија и тоа го знае секој кој имал можност да го прелиста Уставот на МПЦ во кој во преамбулата, но и во други членови се вели дека МПЦ е возобновената Охридска архиепископија, изјави во Охрид архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, појаснуваќи дека во името на македонската црква не се прават никакви промени.

Ништо не се додава ни наддодава во името на МПЦ затоа што од самиот почеток титулата на поглаварот на МПЦ е Охридски и Македонски. Ова што во последно време во медиумите беше проширено дека Синодот на МПЦ, односно соборот што треба да се одржи во средината на ноември ќе донесе промени во Уставот, сосема е неточно, затоа што таа одлука е одамна донесена. Всушност сите барања од 1767 година се да се обнови Охридската архиепископија и буквално таа црква која ги собирала и црковните општини и соборјаните во далечната ’45; ’46; ’56; ’58;’67 и до ден денешен е Охридската архиепископија, рече г.г. Стефан.

Според поглаварот на МПЦ ова прашање не е во контекст на решавање на грчко-македонскиот спор за името, бидејќи одлуката за вметнување на терминот Охридска архиепископија во уставот на црквата е донесена пред повеќе години.

Запрашан за реакциите на Бугарската православна црква и тамошната академија на науките дека поистоветувањето на МПЦ со Охридска ариепископија претставува узурпација на име кое и припаѓало на бугарската црква, г.г. Стефан рече дека не запознаен со таквите ставови, додавајќи дека не би коментирал работа која е општо позната и општо прифатена не само во Македонија туку и меѓу другите православни помесни цркви.

Архиепископот Стефан ги демантираше и забелешките изнесени во македонските медиуми дека претстојните измени во црковсниот устав водат кон децентрализација на МПЦ.

– Ништо не се додава или одзема, едноставно Уставот на МПЦ мора да биде усогласен со Законот за верски заедници, рече г.г. Стефан, појаснувајќи дека МПЦ конечно ќе стане правно лице.

Според г.г. Стефан, средбата на претседателот Иванов со вселенскиот патријарх Вартломеј во Истанбул, е нормална работа кога станува забор за посета на православен државник на Цариградската патријаршија.

– Верувам дека господинот Иванов имал сесрдна средба со вселенскиот патријарх, рече архиепископот Стефан, според кого црковното прашање на МПЦ ќе се разреши со надминување на спорот за името помеѓу Македонија и Грција.

Архиепископот Стефан најави затаплување во односите со СПЦ посочувајќи дека чествувањето на македонската делегација на Илинден во Прохор Пчињски, и одбележување на историската битка од Балканската војна од страна на српска делегација во Македонија е вистинскиот начин како треба да се однесуваат два братски и соседни народи.

Г. Момироски